Би можело да има и добар наслов, ама намерно не го ставам…

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Баш влегов да го видам списокот на 150-тина фирми кои во декември добиле државна помош од Владата, а не ги исплатиле парите на своите вработени. Да се потсетиме, во декември минатата година Владата доделила помош на 13.162 фирми со близу 61.000 работници, а околу 1% од нив не ги проследиле парите до вработените.

За тој 1% се крена голема врева во јавноста, со жестоки критики до власта дека толерира криминал во државата со злоупотреба на јавни пари – се разбира, предводници во критиката беа опозиционерите, кои не штедат сили да ја минимизираат важноста и успешноста на владините мерки за помош на стопанството во време на пандемија… Од партиските говорници, вревата се пренесе на медиумите, а потоа по социјалните мрежи, со сите можни навреди, алузии, инкриминации, коруптивни обвинувања, клевети и навреди… За 1% фирми кои не ги доделиле парите.

Уште малку контекст: 90% од овие 1% фирми имаат главно еден, двајца или тројца вработени. Со бројки: 1, 2, 3. Понатаму, 15 фирми имаат над 10 вработени: од нив има само две компании со педесетина (51 и 53) и една фирма со 46 вработени, другите десетина се меѓу 10-20 вработени.

Е, сега, за да го заокружиме контекстот, на тој список за декември, со над 53 вработени има САМО ЕДНА фирма, со 102 вработени. И, која е таа фирма? Една од нашите национални телевизии која, на списокот на медиумите плаќани од Будимпешта, е најкритичка кон работењето на Владата. Таа телевизиска компанија на нашите колеги, медиумски работници, не им ја исплатила помошта од Владата доделена од парите на државниот буџет. На нејзината програма секојдневно – што е во ред – дефилираат семожни претставници, сите „алфи“ и „омеги“ на опозицијата кои „не можат да заспијат“ тврдејќи дека оваа власт е најкриминална, најкатастрофална, најкорумпирана во историјата, сè крадец до крадец од јавните пари!

Во секоја статистика, аномалија од 1% се смета за статистички неважна. Но, во политиката, кога сте дел од таа 1% аномалија – уште повеќе, кога сами го носите товарот од 50% во тој 1%! – пристојно е да не се туркате во првите редови на најголемите критичари на таа политика.

Што мислите, во едни поранешни времиња, што ќе направеше една поранешна власт да констатираше финансиски злоупотреби од државните пари – па макар и од неколку десетици илјади евра, како во случајов – од страна на својот најголем опозициски медиумски критичар? Колку луѓе, низ коридор од камери, ќе беа спроведувани со полициска придружба и со лисици на рацете на сослушување кај надлежен обвинител или судија?

За среќа, тоа време е зад нас, и да не се повтори.

Но, убаво е да се биде свесен за сите „нијанси на сиво“ во градењето на перцепциите во општеството, макар и кога власта, како што е ред, е најодговорна за состојбите во државата.

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот