Безобразен „пакет“

Александар Вулин, оној карикатурален министер за одбрана на Србија,  деновиве излезе со една мошне откачена но ефектна метафора за да ги опише српско-косовските односи. Турците, раскажува Вулин, имале една многу сурова метода на казнување на воените заробеници или други зулумџии – ги врзувале за некој нивни мртов соборец или друг престапник! Така, живиот пленик, нераскинливо врзан за безживотниот придружник во распаѓање,  побрзо или подоцна полудувал, го губел умот. Не мора да се појаснува кого Вулин во случајов го смета за живиот, а кого за мртвиот заробеник.

Иако оваа споредба  е груба и навредлива, пораката е јасна – Косово, до вчера познато како „срце Србије“, сега добива третман на „леш Србије“, од кого е неопходно што поскоро да се „откачи“, „раздружи“  за да се спаси нацијата од комплетно лудило! А тоа е веќе нешто ново во српската политика.

„Близнак“ со кој ја дели истата судбина

Ако за Србија и Косово знаевме дека имаат испреплетени судбини како цревата на сијамските близнаци, малку нѐ изненади неделава сознанието дека и Македонија има „близнак“, со кој сакала или не, мора да ја дели истата судбина. Прво, во извештајот на Европската комисија, Македонија и Албанија беа претставени „во пакет“, како земји за кои се препорачува почеток на преговорите, а потоа слушнавме дека двете земји не можат да добијат датум за преговори на министерската средба во јуни во Луксембург, меѓу другото и затоа што „Албанија не ги исполнила условите поставени лани во јуни“, како што напомена германскиот пратеник Јохан Вадефул од меркеловата коалиција ЦДУ-ЦСУ. Од тие причини, а и од преголемата зафатеност на бриселската администрација со трансферот на власта по европските  избори, за датумот најверојатно ќе се дискутира во септември!? И тогаш, сигурно, повторено во пакет.

Сакам да прашам – кој тоа ги „запакува“ Македонија и Албанија, како да се „два ока у глави“, како Бони и Клајд, како Бим и Бум, или Станлио и Олио?  Што правеа нашите силни дипломати? Зошто ова не е навреме превенирано. Своевремено, се сеќавам, нашата дипломатија се активираше и бурно протестираше секогаш кога ќе се споменеше „регионален пристап“. Со целосно право, иако ние останавме на опашката на редот, па гледано од оваа дистанца, од таквиот пристап сите други би имале штета, а ние најмалку. Сепак, тоа беше исправно. Сега гледаме, регионалниот пристап некој ни го прошверцувал на мала врата.

Десет наспроти една препорака

Зошто една земја треба да трпи последици од тоа што прави или не прави друга? Никој не смее да биде „казнуван“ за нешто врз што нема никакво влијание, а Македонија со ништо не придонела  Албанија да исполни или да не исполни некој услов. И како тоа никој не беше „спарен“ со Македонија сите овие години додека траеше грчката блокада врз македонските евроинтеграции?

Секоја чест на Албанија, ѝ посакуваме сѐ најдобро (иако работите  не мирисаат на добро), но Македонија има десет препораки за почеток на преговорите, а Албанија штотуку ја доби првата. По многу основи не е фер датумот да им се дава „во пакет“ на двете земји. Македонија „помести планини“ за еднаш конечно таа препорака да ѝ донесе датум, односно почеток на преговорите, процес суштински важен за иднината на земјата. Никој нема право да ѝ каже да чека за да почне преговори заедно со Албанија. Тоа е цинизам и изигрување на ветеното. А ако е само изговор зад кој се кријат некои други мотиви, тогаш е беден изговор.

Нашите власти и дипломати треба да најдат начин, како знаат и умеат, овие денови до 18 јуни, тоа  да им го стават до знаење на европските бирократи. Нивната позиција мора да биде цврста – ако Македонија исполнила услови – а исполни многу, треба да добие датум на министерскиот состанок во Луксембург, а ако Албанија не исполнила, нека не добие. Тоа се две сосема различни земји, со различни приказни и проблеми. Никој нема право да ги врзува и со тоа да ги казнува, како што Турците ги казнувале своите воени заробеници. Да не заборавиме, ова е Балкан, а балканското лудило е опасно и заразно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот