Безмозочна партиска зомби пешадија

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Илјадници пати е кажано и докажано во безброј горчливи инциденти. Говорот на омразата е оружје. Тоа е орозот на вистинското физичко насилство. Тоа е оружје на криминалците кои со заканата со насилство ги бранат своите кривични дела, збогатувањето на криминален начин, со кражба на јавните пари.

Изминаа долги денови и недели, како и претходно месеци и години. По безброј повици, пријави, поднесоци… Колку што ми е познато, МВР и ОЈО сè уште не покренале постапки за клеветите, навредите и лагите, за говорот на омразата и заканите со убиство на активисти на граѓанското општество и на нивните семејства. Неколку спорадични „информативни разговори“ и повици во ОЈО можат само да потврдат дека проблемот им е видлив и дека имаат законска рамка во која можат да преземат нешто. Но, неказнивоста останува.

Со гнасни и навредливи изрази, некои и со оружје во рацете, а огромен број од нив, скриени зад анонимни профили, секојдневно, на безброј начини, ја контаминираат јавната комуникација со лавини од омраза и навреди за секој што не мисли како нив – радикални националисти. Нивна мета се и семејствата на оние што се различни од нив. Без принципи и морални скрупули, тие само продолжуваат со своето дивеење, неконтролирано и безумно. Тоа е таа безмозочна партиска зомби пешадија.

Сите овие години не видовме ниту еден израз на осуда од политичките партии чии поддржувачи и членови се токму овие онлајн насилници. Дури ни лицемерен повик да се воздржат од дивеењето во јавноста. Ниту еднаш не покажаа ни дека не стојат зад нив. Напротив, новинари, уредници, интелектуалци, раководни лица во сериозни државни институции и високи партиски функционери им пружаат отворена поддршка. Неретко и самите се впуштаат во валкана пропаганда со потпалувачки говор со што само ги засилуваат говорот на омразата и ширењето етничка, верска и расна омраза, што е кривично дело.

Мотивите за нивното дејствување се сеење страв и поделби, се да ги задржат своите позиции на моќта и да ја изиграат правдата. Без совест, тие со леснотија се придружуваат кон жестоката антизападна кампања и загрозувањето на македонските национални интереси. Ни тоа не е доволно за институциите да преземат мерки што се нивна законска обврска.

Зошто е тоа така, останува нејасно. Барем мене ми е мистерија како тоа поминуваат толку лесно. Некои луѓе се распнуваат дури и за техничка и ненамерна грешка, а за малку послободен израз врз нив се истура целата јавност, политички партии пишуваат соопштенија, организации се оградуваат. Што е тоа? Неутралност? Објективност?

За сето време, безмозочните зомби пешадинци уживаат во неказнивоста. Медиумите ги третираат нивните капитени како рамноправни и легитимни соговорници. Неколкумина служат како боксерски вреќи, истите што беа мета и во времето на Грујовиот режим. Зошто е тоа така? Дали се игра на картата „за секој случај“, што би рекол еден мој другар чија кристална кугла е практично непогрешлива? Да појаснам, тој вели дека „неутралците“ калкулираат со благоста на сегашната власт, но ако дојдат „другите“, тие тепаат, затвораат и убиваат. Затоа, според логиката на „неутралците“, подобро е да ги галиме и да им попуштаме, па ако некогаш се доберат до власт, ќе играат и со нас, а нема да нè тепаат.

Илјадници пати е кажано и докажано во безброј горчливи инциденти. Говорот на омразата е оружје. Тоа е орозот на вистинското физичко насилство. Тоа е оружје на криминалците кои со заканата со насилство ги бранат своите кривични дела, збогатувањето на криминален начин, со кражба на јавните пари… Не им е грижа ним за потеклото или за начинот на мислењето на луѓето, ако тоа не може да им наштети.

Тоа се крајно арогантни ликови, повеќето од нив и психопати кои ниту разбираат, ниту сакаат да разберат. Но, ако видат дека некој опасно приближува кон нивната пештера каде што го чуваат пленот, стануваат крволочни животни. Затоа се служат со лажни вести и говор на омраза, не поради патриотизам, бидејќи не се патриоти. Патриот е авторот на овие редови и многумина како него.

Кратка е патеката од говорот на омразата што го сеат фашисоидните антизападни партиски кујни до вистинското насилство. Пред некој ден беше некој што ги застапува правата на хомосексуалците. Повеќето молчеа, а некои дури и го поздравија тој акт. Утре може да биде некој друг.

Институциите молчат. Убавини. Европски убавини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот