Без грижи, ЕХФ знае зошто ќе се најдеме на ЕУРО 2020!

Фото: РФМ

Најдобрата македонска машка ракометна репрезентација собирот ќе го има в сабота, а селекторот Данило Брестовац веќе го објави списокот на повикани ракометари за последните дуели против Турција и Грција.

Против Турците ќе играме на 12 јуни во Ескишехир, а четири дена подоцна салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречекаме Грците.

Фото: РФМ

Не е се уште „визирано“ учеството на ЕП, но се очекува нашите најдобри ракометари да ја оправдаат фаворитската улога во квалификациската група 3 каде што моментно го делат првото место со Исланд со по пет бодови. Третопласирани се Турците со четири, а последна Грција (два).

ЕХФ денеска објави вкупно 20 ѕвезди кои се очекува да присуствуваат на наредниот континентален собир, а меѓу нив и нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров.

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во делот за Лазаров се вели дека повторно владее ракометна еуфорија во нашата земја, благодарение на успехот на Вардар со освојувањето на титулата во ЛШ, но националниот тим се уште не ја завршил задачата на патот кон ЕУРО 2020.

– За нивна среќа, го имаат Кирил Лазаров. Тој неодамна го продолжи договорот со Нант и на тој начин покажа дека не оди никаде засега. Тој му помогна на националниот тим да освои три клучни бодови против Исланд и се очекува истото да го прави и во јануари 2020 – велат од ЕХФ.

EPA/GEORGI LICOVSKI

Покрај Кирил Лазаров, на оваа Топ 20 листа играчи кои очекува ЕХФ да ги види на ЕП 2020 се наоѓаат уште: Микел Хансен (Данска), Енди Шмид (Швајцарија), Даинис Кристопанс (Летонија), Лудовик Фабрегас (Франција), Уве Генсхајмер (Германија), Арон Палмарсон (Исланд), Домагој Дувњак (Хрватска), Никлас Ландин (Данска), Дејан Милосављев (Србија), Недим Ремили (Франција), Роланд Миклер (Унгарија), Игор Карачиќ (Хрватска), Тимур Дибиров (Русија), Блаж Јанц (Словенија), Бенси Банхиди (Унгарија), Артсем Каралек (Белорусија), Жилберто Дуарте (Португалија), Бењамин Буриќ (Босна и Херцеговина) и Владан Липовина (Црна Гора).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот