Без датум во мај Македонија ја чекаат црни денови

Фото: МИА

Македонија ќе претрпи сериозен удар ако и во мај следната година, како што тоа веќе еднаш се случи во октомври годинава, повторно биде извисена и не добие датум за преговори со ЕУ.

Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за германски „Шпигел“, а како што истакна, повторувањето на стратегиската грешка би можело да резултира со многу длабоки, непредвидливи, а можеби и со непоправливи последици.

Слично мислење делат и политичките аналитичари кои тврдат дека евентуалното недобивање датум за ЕУ во мај следната година ќе предизвика сериозна стагнација во сите домени во македонското општество. Како што посочуваат експертите, ако има земја на Балканот на која очајно ѝ е потребно членството во ЕУ, тогаш тоа дефинитивно е Македонија.

Втора Турција

Нашиот став е дека може да станеме втора Турција, односно држава која е вечен кандидат за членство, вели шефот на државата Стево Пендаровски.

Тој смета дека одлуката на ЕУ повторно да го одложи почетокот на преговорите со Македонија не е ништо друго освен стратешка грешка.

– Иако францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека се потребни реформи на процесот на проширување на ЕУ, сите се надеваа дека нема да биде блокиран стартот на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Тоа беше огромно разочарување за нашите граѓани, за нашата Влада и лично за мене. На крајот на краиштата, ние ги направивме сите потребни реформи и договори, а најмногу од сè направивме нешто што е уникатно во модерната светска историја – за да го решиме проблемот со Грција го сменивме името на државата од Македонија во Северна Македонија – изјави Пендаровски.

Тој посочи дека и многу водечки политичари во ЕУ потврдиле оти била направена стратегиска грешка и оти Унијата не може да биде релевантен геополитички играч ако не го ин Без датум во мај Македонија ја чекаат црни денови тегрира Западен Балкан.

– Добив уверување од Макрон дека проблемот не е во Северна Македонија, туку во ЕУ на која ѝ се потребни реформи во однос на преговарачкиот процес, но ние сепак стравуваме дека можеме да станеме втора Турција која со години е заглавена како постојан кандидат за членство во Унијата – истакна Пендаровски.

Шефот на државата јасно предупредува дека дистанцирањето на ЕУ од Западен Балкан може да отвори простор за други играчи и да влијае негативно на реформите во земјите од регионот.

– Тие може да кажат дека Македонците ги исполнија сите услови, го сменија нивното име, а не добија ништо. Тогаш, зошто ние да правиме сериозни напори и реформи? Тоа особено се однесува на проблемот на Србија и Косово – изјави Пендаровски.

Прашан дали евентуалниот вакуум може да го искористат Русија, Турција или Кина, тој наведува дека не сака да именува ниедна држава, но оти има центри на моќ кои не се задоволни од проширувањето на НАТО и ЕУ.

– Во тој контекст земјите во регионот се честопати цел на лажни вести, дезинформации или кампањи со цел нивна дестабилизација – посочи Пендаровски.

Можна дестабилизација

Првиот министер за надворешни работи и актуелен советник во Кабинетот на претседателот, Денко Малески, вели дека на целото македонско општество му е потребна Европската Унија, бидејќи македонскиот народ веќе сфати дека ние самите не можеме да одиме напред без ничија помош.

– Ако нема преговори со ЕУ во мај следната година, тогаш во најдобар случај ќе има стагнација во сите домени од нашата живеачка, а не само во економијата, политиката, културата или во правосудството. Таа стагнација може да роди проблем онаму каде што најмалку сакаме. Тоа се меѓуетничките односи, но и меѓународните односи. Тоа би било еднакво на дестабилизација на државата. Треба да се знае дека во меѓуетничките односи никогаш работите не се целосно решени. Исто е и со непредвидливите ситуации во меѓународните односи, па многу лесно може и тука да се загрозат напорите што досега ги правевме. Па така, ако има земја на Балканот на која очајно ѝ е потребно членството во ЕУ, тогаш тоа дефинитивно е Македонија – објаснува Малески.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, смета оти изјавите на нашите политичари за тоа дека или ќе добиеме датум во мај или ќе следува потоп, се само обични блефови и обид да се изврши некаков притисок врз Брисел.

– Добро е што така се постапува, меѓутоа сите тие чекори одат во празно. Брисел тоа веројатно го ретистрира, но воопшто не го смета за нешто значајно. Македонија треба да се посвети на реформите и да покаже дека е сериозен партнер, а дури и да не добиеме датум во следните пет години, во земјава ништо страшно нема да се случи. Од друга страна, треба да бидеме свесни дека шансите да добиеме датум во мај се релативно многу мали и дека со таквите изјави само создаваме непотребен оптимизам меѓу народот – објаснува Никовски.

Османи: ЕУ станува непредвидлива

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи не е голем оптимист дека на пролет Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Tој вели дека без разлика каква ќе биде одлуката, државата е подготвена и останува целосно фокусирана на обврските кои произлегуваат од хармонизацијата со европските правила и стандарди.

– ЕУ веќе не е тоа што беше. Има помалку предвидливост за сега да зборуваме за некаква динамика. На сите им е јасно дека се направи грешка и оти ние бевме подготвени за почеток на преговорите. Премногу се комплицирани односите во ЕУ. Важно е ние да сме подготвени и за јануари и за февруари и за март и за сите други месеци – истакна Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот