Без да каже дали Мицкоски ќе дојде на средба, ВМРО-ДПМНЕ распали по Ковачевски

ВМРО-ДПМНЕ/ Фото: Скриншот

Откако вечерва во емисијата Топ Тема на Телма, лидерот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски, јавно упати покана до својот политички ривал Христијан Мицкоски да седнат на заедничка маса и со здружени сили да донесат најдобри решенија, од ВМРО-ДПМНЕ се јавија со низа реакции, без да кажат дали нивниот лидер ја прифаќа подадената рака.

„Единствена улога на Ковачевски е да го штити криминалот на Заеви. Во интервјуто вечерва Димитар Ковачевски ги ветува истите работи кои ги ветуваше неговиот шеф Зоран Заев пред да дојде на власт. Доколку Ковачевски не сака да е пиун, уште во првите 100 дена треба да има истраги за Зоран, Вице и Трајче Заеви. Доколку тоа не го направи тој ќе се покаже дека е нивен заштитник, стои во соопштението од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија „пиунот Ковачевски е еден од причинителите на енергетската и економската криза. Стандардот на народот секојдневно опаѓа и затоа виновен е Ковачевски кој цел изминат период беше заменик министер за финансии“, нагласува опозициската партија.

Тие изразуваат неверување дека Ковачевски ќе ја подобри економската слика и додаваат дека владата на Заев со народни пари купува позлатени чинии и прибор во вредност од 37 илјади евра.

Мандатарот Ковачевски уште вчера откако го предаде составот за нова влада во Собранието најави дека кога ќе стапи на функцијата претседател на Владата ќе ја провери набавката на Влада на Заев во оставка, вредна 37.000 евра за купување бела техника, скапи порцелански чинии, чаши и прибор за потребите на државните институции и доколку  не е соодветна таа набавка ќе ја поништи.

Ковачевски и Мицкоски на 12 декември се избрани за лидери на најголемата владејачка и најголемата опозициска партија, па тогаш во телефонски разговор си ветиле дека ќе се видат по изборот на новата влада на чело со Ковачевски. Дали средбата ќе се одржи од понеделник, по изборот на владата в недела, останува Мицкоски да потврди наредниве денови.

Ковачевски го кани Мицкоски на средба по изборот на новата влада

 

 

Видео на денот