Бетонски ѕидови наместо „зелени дробови“

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Не паметам државата или локалните власти да брцнале во „буџетскиот џеб“ за да откупат приватна парцела на која било предвидено да се гради станбена зграда, за тој простор да го пренаменат во парк. Такво нешто се случува само при изградба на улици и патишта. Дали само сообраќајниците се јавен интерес во оваа држава?

Во Атина, на местото на некогашната фабрика „Пиркал“, ќе се подигне огромен парк на површина од 324.000 метри квадратни. Околу него ќе се градат административни згради, во кои ќе бидат сместени девет грчки министерства. Целта на проектот е метрополата да добие „нови зелени дробови“, неопходни за намалување на загадувањето и подобри услови за живот на жителите на тримилионскиот град.

Кај нас, колку за споредба, никому не му паѓа на ум земјиштето од некоја поранешна фабрика да го пренамени во парк. Што е право, земјиштето на кое ќе никне новиот зелен простор во Атина е во државна сопственост, а овде, дури и површините каде што имало фабрички капацитети се збир од приватни парцели. И сите тие приватници си сакаат згради и станови. Па, така, Скопје, на кое постојано му е потребна повеќе зелена површина за полесно да дише, наместо да добива нови „зелени дробови“ добива нови бетонски ѕидови.

Просторот кај поранешната фабрика „Алумина“ е неповратно изгубен. Таму веќе се изградени и се градат – згради. Сѐ уште има мала надеж за оној кај фабриката „Треска“, кој е идеален за да се пренамени во парк. Имаше такви граѓански иницијативи, но ниедна не е посилна од правото на сопственикот што си сака станови за да си обезбеди три следни поколенија. Дали неговите деца, внуци и правнуци во иднина ќе имаат последици врз здравјето и ќе имаат квалитетен живот – ретко кој размислува.

Приватниот интерес се покажа дека кај нас е многу посилен од јавниот. Не паметам државата или локалните власти да брцнале во „буџетскиот џеб“ за да откупат приватна парцела на која било предвидено да се гради станбена зграда, за тој простор да го пренаменат во парк. Такво нешто се случува само при изградба на улици и патишта. Дали само сообраќајниците се јавен интерес во оваа држава?

Граѓаните со повисоко развиена еколошка свест, организирани во разни групи, иницијативи и здруженија секојдневно апелираат до локалните власти, укажуваат на грешките, бараат корекција на Деталните урбанистички планови. Бараат зеленило, сакаат да дишат… Ништо не се менува.

Дури ни изградбата на официјално најавените паркови не мрднува од мртвата точка. Пред една година почна чистењето на депонијата зад СЦ „Борис Трајковски“ за која градоначалникот Петре Шилегов рече дека откако ќе се исчисти, ќе се претвори во парк со површина од 90.000 метри квадратни. И дивата депонија во Визбегово треба да се претвори во „зелена оаза“, секако откако ќе се исчисти. Но, таму, додека еден дел се чисти, се создаваат други диви ѓубришта. Сѐ уште не видовме парк ни во Карпош 4, веднаш по Адреналинскиот, кој допрва ќе се пушта во употреба. Во меѓувреме, се подигаат зелени скверови, кои така именувани убаво звучат, но се мали парчиња зеленило, кои освен естетски, никако поинаку не придонесуваат за живеењето на градот. И се садат нови дрвја (стари се сечат низ градот доколку некому му пречат при изградбата).

Едноставно, не сакаме. Не сакаме како држава на дело да си обезбедиме подобра зелена иднина. Не дека не се може. Парковите и раззеленувањето мора да се приоритет во Скопје, градот кој секоја зима се гуши во сопствените отрови. Последниве години помалку? Да, помалку, колку за утеха. Нели, 5.000 оџаци помалку чадат?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот