Бетонот ќе се стврдне, млекото ќе скисне!

Заблуда е дека само работниците ќе имаат корист од неработната недела, бидејќи градежништвото е процес и за архитектите, градежните инженери, менаџерите, како и работодавачите, дециден е Андреј Серафимовски, претседател на Групацијата за градежништво при СКМ.

Ниту една градежна компанија не побарала да не се работи во неделите, а заблуда е дека само работниците ќе имаат корист од неделата како ден за одмор, бидејќи градежништвото е процес и за архитектите, градежните инженери, менаџерите, но и за работодавачите, дециден е Андреј Серафимовски, претседател на Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија.

-Имаме огромни реакции од компаниите, а од лично искуство велам дека и работниците сакаат да си ја заработат платата. Законското решение за недела неработен ден ќе има повеќекратно негативен одраз врз градежната индустрија и за нас е неразбирливо што и покрај сите укажувања, не можеме да ја убедиме Владата во небитноста на овој закон во овој момент – вели Серафимовски.

Според него, за разлика од другите дејности, извршувањето на работите во градежништвото е директно зависно од временските услови, роковите, спецификите на градежните материјали, на работните процеси и технологијата.

-Градежните материјали што ги користиме имаат различни својства, па квалитетот на градбите е директно условен од брзината и од континуитетот на изведбата, при што одредени градежни работи не трпат одлагање ( бетонирање, асфалтирање и сл.). Затоа, треба да остане можноста денот недела да биде работен ден за градежништвото, со можност правото на неделен одмор да се користи во другите денови од неделата согласно важечките законски прописи. Наместо преку ограничување и забрана за работа, треба да се засилат контролните механизми и доследно да се почитуваат законските прописи – вели Серафимовски.

И компаниите од прехранбената индустрија, особено преработувачите на млеко, пиварите и производителите на безалкохолни пијалаци, апелираат да се преиспита решението за недела неработен ден, бидејќи не смее да дојде до прекин на работниот процес, кој е исклучително специфичен.

-Преработувачите на млеко и млечни производи, реагираат дека тоа ќе значи прекин на откупот, проблеми со складирањето, хигиено-санитарните услови и здравствените стандарди. Од кондиторското производство, потсетуваат дека кај нив се работи организирано во четири смени и има два дена слободни. Ако се поремети овој ред, кондиторската индустрија, ќе биде принудена да отпушти 25 отсто од вработените – додава Васко Ристовски од Групацијата за прехранбена индустрија во СКМ.

Триесет отсто отпуштања ќе има и кај спортските обложувалници, кои го прават најголемиот промет во неделите кои има најмногу спортски натпревари. Во оваа гранка директно се вработени повеќе од 8.000 лица, а индиректно со неа се врзани над 54.000 работни места, предупредува Васко Илиевски, претседател на Групацијата за спортски обложувалници

-Ние плаќаме тригодишни лиценци, кои како и секаде во светот овозможуваат 24 часовно работење, седум дена во неделата. Со неработењето во недела за три години ќе имаме 156 неработни денови и соодветно изгубен промет. Дали Владата планира да врати дел од уплатените средства за лиценци за деновите кога обложувалниците нема да работат?– праша Илиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот