Бесправно вселени државни станови, празни графи за закупувачи

АД за стопанисување со станбен и деловен простор во моментов има станови, гаражи, подруми и деловен простор во вредност од околу 4 милиони евра, наменети за продажба, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Ова акционерско друштво во државна сопственост гради станови  за социјално ранливите категории, за комерцијална продажба, а гради и изнајмува и деловен простор. Но, ревизорите утврдиле низа неправилности околу тоа како се евидентира имотот за продажба и изнајмување, како се спроведува наплатата на закупнините, а евидентирани се и бесправни вселувања во 421 објект (стан или деловен простор) во Скопје, додека за другите места немало евиденција. За 40 отсто од вкупниот број недвижности, пак, нема податоци дали се закупени.

Ревизорот утврдил и дека за дури 1.156 недвижности, што е 17 отсто од вкупниот број со кој располага акционерското друштво, нема податоци за тоа за каков објект станува збир – за тврда градба, за монтажен објект, или за  супстандардна. За 69 отсто од недвижностите во единствената матична книга нема податоци дека тие се содржани во деталните урбанистички планови. За издавање деловни простории за 1,6 милиони евра и за станбени простории за 330.000 евра нема архивирано примерок од месечни фактури и тие се евидентирани со автоматско префрлање на податоците од фактурите

„Ваквиот начин на евиденција во трговските книги, без приложување соодветна документација како основа за евидентирање (фактура, спецификација или друг акт), не е во согласност со член 472 стан 1 точка 4 од Законот за трговските друштва во кој е уредено дека трговските книги се водат врз основа на веродостојни сметководствени документи“, потенцира ДЗР.

Ревизорите констатирале и дека друштвото не префрлало пари во Буџетот за продаден простор од 719 илјади евра, туку си ги задржало на посебна сметка, а обврски во износ од 455.000 евра од 2019 година се отпишани како застарени, иако не биле застарени.

Во периодот од април 2019 година до март 2020 година Друштвото нема извршено осигурување на објектите и опремата со кои располага поради што во случај на евентуална штета не постои можност за надомест, опоменуваат ревизорите.

Во однос на јавни набавки има случаи каде што се доцнело со одлуката за избор на најповолен понудувач, имало дури и математички грешки, односно разлика во збирот на поединечните цени во однос на  вкупната цена во спецификацијата, а набавка на електрична енергија се вршела без спроведена постапка за јавна набавка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот