Беснее борба за директорското место во АНБ, за разузнавачката агенција е заинтересирана ДУИ?

Фото: Алсат

Скандалот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот руско-украински олигарх Олександр Онишченко во моментов се користи како аргумент во внатрешната борба за директорското место во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), објави „Телма“.

Според информациите на телевизијата, борбата за челната позиција во разузнавачката агенција е во полн ек и за директорското место, на кое сега е Виктор Димовски, кој наскоро заминува за амбасадор во Франција, имало дури седуммина кандидати.

До 15 декември, според рокот кој го навести премиерот Димитар Ковачевски ќе продолжи борбата за директорското место во АНБ, за кое, според „Телма“, во игра се тројца актуелни началници во агенцијата, чие евентуално назначување сега зависи од нивната улога и евентуалните пропусти во скандалот со Онишченко. Кандидати има и од МВР – жена-функционер и долгогодишен началник во голем сектор на јавната безбедност. Последните двајца кандидати за нов шеф на АНБ се професори од Факултетот за безбедност. Лобирањата траат со недели, а Онишченко само дополнително ги разжестил тие внатреразузнавачки битки, пишува телевизијата.

Премиерот Ковачевски вчера рече дека новиот прв човек на АНБ ќе биде избран за 24 дена. Двајца вработени во одделот за безбедносни проверки во АНБ веќе се суспендирани за скандалот со Онишченко, за чие државјанство согласност дала АНБ и уште три државни институции.

Во меѓувреме, АНБ ја потресе уште еден скандал – на интернет се појави доверлив документ на агенцијата, дел од досието за државјанството на Онишченко, во кој пишува дека лани на крајот на ноември, Секторот за спротивставување на тероризам и насилен екстремизам на АНБ до Одделот за безбедносни проверки и НАТО-регистарот испратиле одговор за Онишченко, во кој е наведено дека Секторот не располага со материјали од противуставен и криминално-штетен карактер. И протекувањето на овој документ се толкува како дел од внатрешната борба за директорското место во АНБ.

Според неофицијалните информации објавени во дел од медиумите, за челната позиција во Агенцијата за национална безбедност, институција-наследничка на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), силно била заинтересирана и Демократската унија за интеграција (ДУИ), која исто така има свој кандидат за кого лобира.

Проф. Борче Давитковски: Владата може да му го одземе државјанството на Онишченко, ако сака

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот