Бесмислена и аферашка групација

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Не знам што се крие во денешната „критичка јавност“, не знам кое е нејзиното движење: се прашувам, можеби повеќе во некоја „уелебековска смисла“ – кое е нејзиното подрачје на борба? Се прашувам затоа што не можам да поверувам кога гледам на кој начин се пишува, не можам да поверувам што сè се пишува. Не можам да поверувам дека целата критика е поврзана за аферата „Рекет“, не можам да поверувам колку денешната опозиција е празна како пустина.

Eднаш реков, ќе речам повторно: да се пишува во весник не е теориска дисциплина, туку симплификација од дневните магли и виулици. Па, за да ги растераме тие магли, фер е да кажеме дека денешната опозиција – која треба да биде стожер, или нов свет за некој иден и подобар систем – таа денес претставува „едночаршиски скопски кретенизам“, чист ужас од неартикулираност, глупавост, тромавост и апсолутно незнаење.

Мицкоски е критички мртов субјект

Мене оваа опозиција ми оди на нерви, таа креатура не можам да ја поднесам, не затоа што изгледа како што изгледа, туку едноставно, брате мили, тоа е критички мртов субјект. Или, во превод, штом нешто „избие“ во јавност, барем малку пристоен човек треба да го затне носот, да затне уши, а неретко и „дупе“. Сето тоа создава нервоза. Прво, кога некој за себе ќе рече „јас сум опозиција“, тоа априори не значи дека станува збор за вредносен суд, тоа не значи дека некој е добар, паметен, способен. Тоа кај нас – во нашиот „сељачки“ концептуализам – така се брои. Често велат на Фејсбук: јас сум опозиција, немој мене… Опозиција може да се биде кога си контра некоја партија, контра некоја личност, ама не може поради тоа што си опозиција да си контра државата. Денешната опозиција тоа го прави.

Идејата за државноста (и државата) мора да се чува, а не така што утре, рушејќи го Заев, ќе ја рушиме државата. Па потоа ќе градиме сè повторно? Не може, на пример, со Преспанскиот договор да се зафркаваат, тоа е многу важен договор. Не може денешната опозиција да се зафркава и со Договорот за мир и добросoсeдство со Бугарија. Тие договори не се лесно направени, а можат многу лесно да се рушат. Во тие договори нашата државност се конституира, се дефинира правецот, се објаснува карактерната црта на земјата – дека ќе оди во единствен можен правец: правецот на Европа и НАТО.

Денешната опозиција изгледа како коцкар-аматер што сака секогаш да добива. На крајот, како што бива, ќе се задолжат, ќе го „спичкаат“ и тоа, па ќе се појават во партија оти решиле да победат затоа што изгубиле. Не може Заев да го добијат така што ќе кукаат на медиуми, ќе се самооплукаат и ќе изигруваат жртви. Аферата „Рекет“ не донесе ништо добро, без разлика што го имаа „најдоброто перо“ во своите редови. Не може ниту еден Орце Камчев да им ја врати старата слава. Тоа што груевистите го имаа во изминатата декада, тоа повеќе не може да се врати. Нема да се врати затоа што сеќавањето за нивните монструозни политики се премногу свежи. Тоа никако не може да им влезе од „газот во главата“. ВМРО-ДПМНЕ, ако сака да биде повторно важна и политички релевантна партија, мора да го промени раководството на Мицкоски (сосе Мицкоски!), да побара нормални и политички „здрави“ луѓе во своите редови, без афери, без хипотеки. Тоа е почетна точка на борба.

Ориентална деспотија

Би сакал да кажам една важна работа, повеќе во некоја „културолошка“ смисла. Мора да сфатиме дека ние сме мал народ, мала држава, а следствено на тоа – со мал јазик и мала култура. Оттука, нашиот најголем проблем е лажењето, претенциозните афери, мајмунлаците и „курчењето“. Во ваквите симулации повеќе никој не верува. За да се дојде до вистински промени мора да се престане со лажење, мајмунисување и „курчење“ – и тоа во сите сегменти на општеството.

Владата на Заев, од друга страна, мора да сфати една работа: Груевски посади еден никулец што се развива само во ориентална деспотија, целиот македонски корен е деспотски, затоа што опозицијата не укажува на работи што се реални, туку се служи со мистификации и фантазми. Такви исчашени вредности дополнително го садат никулецот на ориентализмот. Во Македонија отсекогаш проблем бил менталитетот, а не политичката ориентација. Може во Македонија на власт да биде и добриот Заев (како што и е), може да биде на власт и крал, ама секогаш оваа земја ќе има проблем со менталитетот. Јас не очекувам дека оваа земја ќе биде Шведска, Дизниленд или Холивуд, туку се надевам дека „крвта и претепувањата“ нема да бидат државна политика, а алтернативата на Заев, Мицкоски, не нуди ништо друго освен тоа: реваншизам, ќотеци и „бесења на предавници“.

Јас знам дека Зоран Заев е благороден човек, а неговото потенцијално наследство, персонифицирано во Мицкоски, е чист сталинизам. Кога велам „чист сталинизам“, мислам на нивната сомнителна политичка заднина: неартикулираност, незнаење, склоност кон афери, генерално – лоши луѓе. Мицкоски, ви тврдам, не знае да го помине денот, а некого да не исплука, од плукање да се собира или мобилизира маса е прилично бедно и бесмислено. Без разлика колку ги штелувале анкетите, опозицијата не може да добие повеќе од осум или девет проценти на изборите. Тоа не го велам јас, тоа го вели нивната бесмисленост во политичкото поле која си има свои закономерности. Ако не знаеш ништо, ако подбуцнуваш и клеветиш, нема луѓе.

Многу е едноставно, а сепак прилично комплицирано кога станува збор за живи луѓе, а не за проекции и фантазми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот