Бесконечните реформи на македонското образование
Нова влада во Македонија значи и промени во образованието, а со секоја промена на владиниот состав ветувањето е дека ќе има реформи во образованието и дека ќе се подобри стандардот на учениците.
Од екстерно тестирање, преку програма „Кембриџ“, до Концепција на основното образование, повеќе од една деценија надлежните институции не можат да воспостават стабилна образовна реформа, која нема да има потреба да се укинува, туку само да се надградува.
Нова влада во Македонија значи и промени во образованието, а со секоја промена на владиниот состав ветувањето е дека ќе има реформи во образованието и дека ќе се подобри стандардот на учениците.
И новата министерка за образование и наука Весна Јаневска најавува промени во образованието, а како што вели таа, наскоро ќе подготват и документ – определба, декларација или можеби со друг назив, но со јасно дефинирани цели и насоки за остварување на целите поврзани со квалитетот на образованието на долг рок.
– Документот ќе им биде понуден на сите политички субјекти во државата, односно преку Собранието ќе се бара постигнување национален консензус за генералните образовни политики, од кои понатаму нема да може да отстапува ниту еден министер и да спроведува „свои“ реформи – велат од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“.
Во меѓувреме, МОН најавува ревизија на постојната Стратегија за образование и анализа на досега реализираните активности и остварени цели. Имајќи предвид дека таа има важност за периодот 2018-2025 година, новата стратегија ќе биде изготвена следната година и со важност од 2026.
– Во фокусот ќе бидат квалитетни наставни програми и учебници за основците и за средношколците, подобрување на образовната инфраструктура и опременоста на училиштата, дигитализацијата, инклузијата, јакнење на капацитетите на високообразовните установи и поголема поддршка за нив и за научноистражувачката дејност и така натаму. За остварување на целите, се планира етапно зголемување на буџетот за образование во следните 4 години и тоа од 3, 4 на 5 отсто од БДП, додека за наука од постојните 0,3 на 1 отсто – додаваат од Министерството.
Јаневска истакнува дека новата реформа што ја спроведуваат за основците е што е можно подолго учениците да бидат во училиштата и да стекнат знаење на различни начини.
– Реформата е наставниците да станат функционални во корист на знаењето, компетенциите, вештините. Ова е цела една стратегија. Општо е познато дека ние во земјата имаме вишок наставници а сè помалку деца, но нам ни требаат наставниците за да го подигнат квалитетот на знаењето. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања и домашните тестирања покажуваат дека нашите ученици доцнат многу во однос на нивните врсници во Европа – вели таа.
Таа додава дека учениците нема цел ден да бидат над книга, идејата е да спроведат нешто што се покажало како ефикасно во странство.
Образовните реформи немаат крај
Професорката Татјана Алексиќ во разговор за „Слободен печат“ вели дека откога знае за себе постојат реформи во образованието.
– Образовни реформи кај нас има откога знам за себе, уште која јас бев гимназијалка. Потоа се воведе средно насочено, додека сите држави од поранешна Југославија го укинуваа. Потоа ги воведоа гимназиските паралелки на сметка на стручните училишта што почнаа да се редуцираат. Е сега, Србија почна да воведува дуално образование, па и ние сакаме да рехабилитираме нешто што уништивме претходно. Јадро на секое општество е стручното школо, занаетите се драгоцени. Потоа сите видовме како поминавме со екстерното, бидејќи отиде во погрешна насока. Тоа беше добро смислен модел за да се спречат оценки со врски, но отиде во други цели. Го имаме и системот „Кембриџ“, потоа и онлајн наставата што направи непоправливи дупки во знаењето. Постојано имаме некои реформи – вели професорката Алексиќ за „Слободен печат“.
Таа оцени дека обезбедувањето учебници е за поздравување, а како позитивна реформа го оцени и едносменското работење на училиштата што го воведе министерката Јаневска.
– Нема време и простор за грешки во чекори. Мора сè да се осмисли и реформите мора да бидат за просперитет на децата. Секоја година имаме сè помалку ученици, наставниците ќе нема кому да му предаваат. Мора да има некоја реформа со која ќе ги задржиме учениците тука и да има добри услови за работа – додава таа.
„Слободен печат“ разговараше и со Филип Ивковски, претседателот на Националниот младински сојуз на Македонија.
– Генерално сме сведоци дека откога знаеме за себе, македонското образование е во постојана реформа, секоја нова влада доаѓа со свои амбиции и желби за да направи нешто подобро, односно досега сме немале опипливи, цврсти резултати за да кажеме дека одредена реформа вродила резултати и какви биле тие – вели тој.
Ивковски смета дека образованието и образовните реформи треба да се стават во една рамка, која ќе наиде на политички консензус на долгорочен план.
– Знаеме дека младите на сите истражувања се функционално неписмени, дека се намалува квалитетот на знаење и практични вештини и дефинитивно треба образованието и образовните реформи да се стават во една рамка, која ќе најде на политички консензус на долгорочен план и тој план ќе трае сè додека ние не ги видиме реалните резултати – додава тој.
По примерот на најдобрите?
Кога ќе ги погледнеме државите што се на врвот на списокот со најдобро образование, веројатно првото прашање што ќе си го поставиме е зошто и ние не можеме да ги „украдеме нивните идеи“ и да ги преточиме кај нас. Но, тоа во практика не е така.
Според Ивковски, ние сме далеку од тие земји, но кога гледаме дека некому нешто му успева, треба тој пример да го преточиме кај нас, но во согласност со нашите можности.
– Кога гледаме дека некому нешто му успева, треба таа идеја да ја преточиме во нашиот систем, но забораваме и механички ги преземаме работите – како е таму, го пресликуваме и тука. Мора да се стави во локален контекст што му треба на ова општество, за што е спремно, кадровска екипираност, потребите на младите, ставови на родители… Сè што е во туѓ контекст, нормално системот ќе го отфрли – вели тој.
Професорката Алексиќ дополнува дека не можеме да ги преточиме идеите на Финска и на Данска, бидејќи имаме различен менталитет.
– Не сум југоносталгична, но сметам дека образовниот систем на Југославија беше перфектен. Нашите ученици секаде беа одлични, значи ништо не му фалеше на тој образовен систем. Така што таа еуфорија дека треба постојано нови учебници, дека треба да следиме други примери, баш и не е така. Ние треба да земеме да купиме по нешто, ама тоа да го адаптираме на нашите услови – додава таа.
Таа смета дека не може да воведуваме проект како „Компјутер за секое дете“ додека има деца што живеат на места каде што нема струја. Професорката додава дека во МОН и во Бирото за развој на образованието треба да работат луѓе што навистина ја познаваат работата и сакаат да учат.
На прашањето дали им е тешко да се навикнат на постојани промени во образованието, професорката вели дека „жив човек на сè се навикнува“.
– Ако нема учебници, наставникот ќе најде начин да импровизира од свое сопствено знаење или од други ресурси – ние сме адаптибилна категорија, но се буниме кога гледаме дека нешто не е добро. Така што „да живеат реформите“, ама не толку интензивно и не така експериментално. Добро е да се оди напред, но не по секоја цена и да се импровизира по грбот на учениците – порача професорката Алексиќ.
Оваа учебна година почна со старите, но и со нови предизвици. Министерството за образование и наука обезбеди учебници по сите предмети, освен за странски јазици. Повеќе од 140 основни и средни училишта почнаа со настава во една смена, а министерката Јаневска најави дека во наредните години ќе работат на приспособување на сите училишта за едносменско работење.
МОН привремено ја стопираше Концепцијата за седмо, осмо и за деветто одделение и најавија ревизија на постојната Стратегија за образование и анализа на досега реализираните активности и остварени цели.
Со овој текст, Слободен печат се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.