Бескомпромисно газење на европската вредност

Европската Унија реши во овој спор да застане на бугарска (поточно на своја) страна и да ја згази, да ја оневозможи на Балканот големата европска вредност наречена компромис.

Дали е на линија тој што гази на неа? Европската Унија, од само за неа познати причини – или недоволно познати, сеедно – реши ексклузивно, само во нашиот случај, да го игнорира, поточно да не го зема предвид темелниот, цивилизациски принцип на кој е самата таа создадена: компромисот.

Може да се претпостави дека оваа тема нема да се најде на дневниот ред на утрешната расправа на Советот на ЕУ, главната институција што донесува одлуки и во која членуваат министрите од секоја земја членка на Унијата. Нема, зашто никој, или барем никој од главните играчи, не гледа, и не сака да види какви проблеми создаде ова предавство на клучниот постулат. Засега само во односите помеѓу Македонија и Бугарија, а утре и помеѓу земјите од Западниот Балкан. Никој нема да се загрижи за штетите – речиси непоправливи – што ги прават охрабрувачките пораки, куртоазните вечери, извештаите за напредокот, исполнетите услови, високите посети, преговарачките рамки, патоказите,  иницијативите и другите обиди за решение. Сите тие се лоши, лицемерни, ама вистински изрази на еден трагичен компромис помеѓу јавно декларираната и со документи поткрепена цел за проширувањето како смисла на постоењето на Унијата и т(р)ајниот договор, непишаното правило да не се дозволи такво нешто. Да не се повтори таква „грешка“ во иднина. Барем не во иднина, што е догледна за овие земји, кои не гледаат друга перспектива. Тие никогаш нема ни да признаат дека непишаното правило е на сила, иако сведочиме дека се спремни, за да го докажат тоа, да ги менуваат правилата (методологиите) во текот на играта. Оттаму, наивно прозвучи изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ: барем искрено да ни кажат дека нема ништо од проширувањето.

Со одлуката бескомпромисно да го брани принципот на консензус – ако една земја членка е против, тогаш сите се против – ЕУ ги урна надежите на земјите кандидатки дека некогаш ќе излезат од чекалната, дека ќе ги затворат сите поглавја, дека пристапниот процес воопшто ќе има крај. Без разлика што една земја, во случајов Бугарија, постапува (благо речено) крајно непринципиелно во однос на Македонија; без разлика што бугарскиот европратеник и заменик претседател на партијата ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, во видеоспот во кампањата за претстојните парламентарни избори во Бугарија, тврди дека Македонија е бугарска; без разлика што македонскиот премиер Зоран Заев упорно се труди да понуди некакви предлози за заедничко прифатливо решение, ЕУ сепак реши во овој спор да застане на бугарска (поточно на своја) страна и да ја згази, да ја оневозможи на Балканот големата европска вредност наречена компромис.

Речиси е сигурно дека никој на утрешниот Совет за општи работи нема да (си) го постави прашањето на македонскиот вицепремиер Никола Димитров: Дали воопшто ќе постоеше ЕУ, доколку предуслов за нејзиното создавање беше сите земји членки да имаат потполно исти ставови за сите историски прашања?

Во едно интервју по повод потпишувањето на Преспанскиот договор, легендарниот посредник од ОН, Метју Нимиц, рече дека зборот компромис во САД е добар збор, додека на Балканот тоа е лош збор. „Ќе се скараме. Ќе отидеме во друга соба. Ќе дискутираме за тоа и ќе излеземе со решение. Постигнавме компромис. И сите велат – тоа е одлично. На Балканот, меѓутоа, компромис е лош збор. Ти нешто си дал, а не требало ништо да дадеш“.

Сега ова „Балканот“, благодарение и на ЕУ, е проширено и надградено – важи за за секоја земја одделно. Отсега се потешко ќе се прави компромис помеѓу внатрешните сили – тие што се вистински проевропски настроените и тие што се т(р)ајно против таа ориентација. Вториве секојдневно добиваат докази и аргументи за својот став и слободно може да шират страв и омраза против секој што ќе се обиде да бара решение, со девизата: тој што е спремен за мало предавство, способен е и за големо!

Некаква сламка за спас од тортурата наречена „европски вредности“ единствено се гледа во САД. Се уште има надеж дека еден ден Американците ќе не однесат во другата соба од која ние Балканците ќе излеземе со решение. Ќе постигнеме компромис. Добрата работа е што дури после, откако ќе излеземе – а не во собата – ќе дискутираме кој што (не) требало да даде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот