Бесими: Постигнавме пониска каматна стапка за еврообврзбицата од многу европски земји со повисок кредитен рејтинг

Каматната стапка на осмата еврообврзница на земјава, која беше издадена оваа недела, е пониска од многу земји кои се дел од Европската унија или кои имаат и подобар кредитен рејтинг од земјава, како Хрватска, Турција и Србија. Сепак, инвеститорите имаа поголема доверба во нашата економија и нејзината перспектива и постигнавме историски најниска каматна стапка од 1,625%, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во емисијата „Топ тема”.

– Успеавме да постигнеме историски најниска каматна стапка од 1,625% за осмата еврообврзница, неколкукратно пониска во однос на претходно издадените обврзници од земјава, но и пониска од многу земји кои имаат и повисок кредитен рејтинг од земјава. Така на пример, минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75% додека другата од 1,125%. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65%. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75% и 5,875%. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253%. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253%. Понатаму, Романија кон крајот на ноември издаде две еврообврзници во износ од милијарда и пол евра со каматна стапка од 2,625 и од милијарда евра со каматна стапка од 1,375%. Турција, исто така, ноември минатата година издаде еврообврзница во износ од 2,3 милијарди евра со каматна стапка од 5,95% и Србија од 2 милијарди евра со каматна стапка од 2,125%, рече Бесими.

Бесими посочи дека со средствата обезбедени од оваа еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата од 2014 година која беше со камата од 3,975%, како и дека по основ на ниската камата од новата еврообврзница ќе се заштедат 82,25 милиони евра.

Министерот за финансии посочи дека зголемувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг, во време на ковид-кризата, е реалност за скоро сите светски економии, вклучително и за нас. Тој рече дека економии како Шпанија, Италиja и Грција, минатата година го покачија државниот долг за над 20 процентни поени. Министерот за финансии вели дека сега од најголемо значење ќе бидат посткризните политики во насока на стабилизација и ревитализација на економијата, вклучително стабилизација и на јавниот долг.

– Кај јавниот долг најважно е за што ги земаме средствата и дали ќе бидеме во можност во иднина да го сревисираме. Неслучајно во Буџетот за 2021 година отидовме со среднорочно планирање. Среднорочната рамка е со 2025 година и се базира на три компоненти: план за раст – како да го зголемиме и забрзаме растот до 5,9% во 2025 година, втората компонента е буџетската консолидација и третата компонента е планот на јавните инвестиции од 3,2 милијарди евра. Со фискалната консолидација се оди кон постепено намалување на буџетскиот дефицит, а со тоа и на јавниот долг за да до 2025 година се намали на 58,8% од БДП. Од една страна ќе дејствуваме да ги зголемиме приходите преку подобрување на наплата потоа подобрување, понатаму да го подобриме квалитетот на расходната страна, односно реализацијата на капиталните расходи и на крај нови извори на финансирање на дефицитот, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот