Бесими: Ковид кризата е од неекономска природа и сите светски економии се обидуваат да ја надминат со вбризгување средства

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ковид кризата е од неекономска природа и сите економии во светот вбризгуваат средства во стопанството, го прошируваат дефицитот и преку мерки ги поттикнуваат и понудата и побарувачката за да ја зголемат економската активност и на тој начин да ја надминат кризата.

Ова го посочи министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Нагласи дека како резултат на намалување на домашната потрошувачка и нарушувањето на глобалните синџири поради ковид кризата, приходите секаде имаат помала реализација.

-Неколку пати имаше интервенции со мерки за справување со кризата, за поддршка на економијата и надминување на последиците од кризата, како и поддршка на граѓаните. Тоа се случи и со вториот ребаланс кој има зголемување на расходната страна со цел да го поддржи четвртиот пакет на мерки. Дефицитот кореспондира со најголемата економска криза која и се случува на нашата економија – повисок пад од 12,7 проценти на квартално ниво немало во нашата економија и минус 6,5 проценти пад во првото полугодие, рече Бесими.

Но, посочи, тоа не е само кај нас.

-Тоа го имате на ниво на светската економија и на Европската Унија. Тоа е глобален проблем, глобална криза. Со вториот ребаланс е проширен буџетскиот дефицит, но средствата се насочуваат кон четвртиот пакет мерки кој е во насока на помош на граѓаните и стопанството за надминување на кризата, нагласи Бесими.

Појасни дека речиси сите економии во текот на годинава го проширија буџетскиот дефицит и додаде додека просекот на Еврозоната е 8,4 отсто.

-Следниот период со стабилизирање на состојбата и прудентно менаџирање, буџтескиот дефицит ќе се консолидира, рече Бесими.

Јавниот долг, како што кажа, поради задолжувањата за потребите на четвртиот сет на мерки може да оди над психолошката граница, но не мора да значи.

-Јавниот долг може да дојде до 60,5 проценти, но зависи од текот на реализацијата на голем дел од програмите кои се со кредити од надвор и реализацијата на Буџетот. Не можам да кажам колку точно ќе биде, но проекцијата е дека новото задолжување може да има до еден процентен поен импакт врз јавниот долг. Значи јавниот долг може, но не мора да ја надмине психолошката граница од 60 проценти. Овој износ е на нивото на фискална финансиска одржливост. Стопанството и граѓаните треба да бидат мирни дека Буџетот има доволно позиции и соодветно да се финансира без при тоа да се загорози финансиската и фискалната стабилност на земјата, потенцира Бесими.

Посочи дека ќе мораме да ги враќаме долговите кои сега ги правиме и додаде дека тоа ќе може да го направиме ако на среден рок имаме добро поставена финансиска фискална стратегија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот