Бесими: Буџетот за 2021 на првите страници ги има приоритетите, но содржи и петгодишна рамка

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Удвојување на растот, од просечната стапка од 2-2,5 проценти во изминатите 10 години на просечна стапка од 4-5 проценти во наредниот период, може да се постигне преку спроведување на четирите столба на политики – заздравување од ковид-кризата, политики за забрзување на растот, политики за зголемување на конкуретноста на економијата и политики за инвестирање во човечки капитал, истакна министерот за финанси Фатмир Бесими во гостување на емисијата „Економски магазин” на Алсат-м.

Инсистиравме, потенцира министерот, овој буџет првпат да има петгодишно предвидување, бидејќи кога зборуваме за политики, за структурни измени, и кога зборуваме за тоа што е есенцијално за зголемување на стандардот на граѓаните, несомнено е потребно предвидување од неколку години.

– Буџетот за 2021 на првите страници ги има приоритетите, но содржи и петгодишна рамка. Тоа се: фискална консолидација во текот на пет години, потоа стратегијата за економска обнова, но и забрзување на економскиот раст, како и планот за јавни инвестиции од 2021-2025 година. Сите овие треба да ја дадат приказната, и аргументите и траекторијата како ние ќе го реализираме ова забрзување на економскиот развој, ако во последните 10 години сме имале 2.5% просечен годишен раст, да стигнеме до 4-5 проценти на просечно зголемување во периодот кој следи, вели Бесими.

Политиките кои ќе доведат дотаму, укажа, може да се категоризираат во четири столба.

– Првиот е да го менаџираме ковид-ефектот: здравствениот аспект, заштита на економијата и зачувување на работните места. Втората категорија, како втор столб е забрзувањето на економскиот развој, што се однесува на сите инвестиции кои се во инфраструктурата, дигитализацијата, справувањето со сивата економија и сите други аспекти кои се вклучени тука. Третата категорија е зголемувањето на конкурентноста на економијата. Тука се подразбираат сите политики кои поддржуваат инвестиции, разни иновации, зголемувањето на конкурентноста и извозната ориентираност на компаниите, но и зголемувањето на инвестициите, освојување нови пазари и носење нови технологии. И четвртиот столб е инвестирање во човечки капитал, што подразбира, квалитетно образование кое ќе биде согласно побарувачката на пазарот и одржливо здравство, рече Бесими. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот