Беше ли еднаш во Холивуд!? – Слободен печат
Колумни

Беше ли еднаш во Холивуд!?

Верувам дека секој фан на работата на Тарантино сакал да види како тој гледа на едно од најбруталните убиства во историјата на Холивуд и крајот на една и почетокот на новата ера во филмската индустрија.

Кога во 2015 година излезе „Омразената осумка”, морам да признаам дека го изгледав двапати во кино. Се шпекулираше дека тоа е последен филм на Тарантино, па после се пишуваше дека ќе сними уште еден, па дека ќе бидат вкупно десет… Неважно, осмиот негов филм мене ме вовлече во приказната, како и речиси сите претходни што сум ги гледала, од кои „Џеки Браун”, иако доста потценет, можам да кажам дека ми е омилен.

Пред некоја година беше најавен нов проект, јеее! Ќе биде со силен кастинг, одлично, ќе ги имаме Бред Пит, Леонардо Дикаприо, Дакота Фенинг, Ал Пачино, Лук Пери, звучи ветувачки. Марго Роби или Џенифер Лоренс влегуваат во игра за екранизирање на Шерон Тејт. Во ред, навиваме за Марго! Излегува во август 2019. Ќе си почекаме, сигурно ќе вреди.

Филмот стана популарен уште пред да добие име. Верувам дека секој фан на работата на Тарантино сакал да види како тој гледа на едно од најбруталните убиства во историјата на Холивуд и крајот на една и почетокот на новата ера во филмската индустрија. И дојде така август 2019, филмот почна да се прикажува, го изгледав и да кажам најреално, уште не знам што изгледав.

Секако, секој кадар од филмот „вришти” со стилот на Тарантино, се запознаваме со ликовите, Лео е Рик Далтон, актер чија кариера изумира полека, а со тоа и на неговиот дублер, Клиф Бут (Бред Пит). По некоја случајност, негови први соседи се режисерот Роман Полански и неговата сопруга, актерката Шерон Тејт и тој гледа одлична шанса да ја оживее својата кариера со нешто повеќе од шпагети-вестерни. Ако нешто е сигурно за овој филм е дека глумата на секој еден од актерите е маестрална, а речиси сите од нив имаат двојна изведба, филм во филм. Кинематографијата е повеќе од одлична, а секоја сцена прави да се чувствуваш како да си таму, како да си дел од таа златна ера на Холивуд. Но, тука запира сè.

Чекав, чекав, чекав… Каде е заплетот? Каде се напнатите сцени? Што се случува? Јас ли не успевам да го следам филмот така како што треба да се следи? Се изначитав позитивни критики, очекувањата ми беа навистина големи. И тогаш се случи нешто што ретко го правам, речиси никогаш. Го вклучив телефонот и пребарав на интернет колку време трае филмот. Од тие 2 часа и 45 минути веќе беа поминати 2 часа и 10 минути. Сигурно нешто пропуштам. Искоментирав само дека има уште 35 минути за филмот да се важи…

Забележав дека и дел од присутните ја напуштија проекцијата порано. Едноставно, си станаа од седиштата, излегоа од кино-салата и до крајот на филмот не се вратија. Не е дека не ми дојде да го направам истото во повеќе наврати, но бев сигурна дека крајниот исход ќе биде многу повеќе од тоа. Не беше.

Филмот сериозно не вреди за целата фама околу него, зборувам за приказната. Поединечната глума на секој од актерите е врвна, Оскаровска, особено на Леонардо Дикаприо, кој не ми е ни во топ 10 омилени актери. Марго Роби успешно ја доловува Тејт, а Дакота Фенинг, иако прекратко се појавува, во тие неколку сцени се надминува себе. „Беше еднаш во Холивуд” е светол и шарен филм, за момент дури и ти се чини дека гледаш некоја ретро-романса која ќе заврши со трчање на протагонистите еден кон друг на аеродром и нивна венчавка во последната сцена.

Дали е нешто што сме го очекувале од Тарантино? Ни под разно. Вреди ли да се гледа? Вреди, ако ги ставите очекувањата на најниско можно ниво и не се потпирате на сите оние добри критики кои кружат на ИМДБ и „Ротен томатос”. Ова е деветти филм во низата на авторски проекти на Квентин Тарантино. Можеби имал обѕири и кон семејството на Шерон Тејт и кон Роман Полански, а и иако во 1969 година, сепак и не е толку далечен немилиот настан во кој кланот на Чарлс Менсон ја масакрира актерката и нејзините пријатели. Можеби…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close