„Беше голем човек и голем поет“: Се одржа комеморацијата во чест на Бора Чорба во Чачак
Денеска се одржа комеморацијата во чест на српскиот музичар и фронтмен на групата „Рибља чорба“, Борисав Ѓорѓевиќ – Бора. Во Центарот за култура во Чачак присуствуваа членови на неговото семејство, пријателите и граѓаните на Чачак, кои се простија од легендарниот пејач, текстописец и автор на повеќе од десет книги, објави „Данас“.
На екранот во Центарот за култура, за време на комеморацијата наизменично се менуваа фотографии од животот на Бора, кориците на неговите албуми, како и слики од бројни турнеи.
Градоначалникот Милун Тодоровиќ рече дека „Бора чачанецот беше стар дух“.
„Ние сме пријатели цел живот. Беше одличен како поет. Ќе му ја исполниме секоја желба. Вечна ти слава легендо“, рече градоначалникот.
Музичарот Жика Јелиќ, од групата „Ју група“, изјави дека Бора бил голем човек.
„Никогаш не беше намуртен, туку добар пријател и голем поет“. Се сеќавам на еден детаљ кога ми напиша песната која сакав да ја сменам, но ми кажа како да ја пеам и дека ништо не треба да се менува. Секоја чест за него“, рече Јелиќ.
Никола Зориќ од групата „Рибља чорба“ вели дека нивниот последен студиски албум веќе е снимен и дека наскоро ќе биде објавен.
„Албумот ‘Љубов и смрт’ ќе биде објавен, најверојатно на неговиот роденден“, рече тој.
На комеморацијата присуствуваше и пејачот на народна музика, Мирослав Илиќ.
„Не сум имал често прилика да се испратам со некого. За мене, ти секогаш беше најдобар и со гордост истакнував дека сме пријатели и другари“, изјави Илиќ.
Српскиот уметник и илустратор Југослав Влаховиќ истакна дека Бора никогаш не менувал пријатели и соработници.
„Заедно работевме на омотите. Баравме мотиви за провокација. Тој беше духовен и смирен човек. Најголемото признание беше за албумот ‘Узбуна’ пред неколку години“, рече Влаховиќ.
Српскиот министер за култура, Никола Селаковиќ, рече дека Бора со своите зборови го насликал животот таков каков што е.
„Тој ќе биде со нас засекогаш. Тој не само што пееше за нашиот град, тој со своите песни обедини многу генерации“, рече Селаковиќ.
По негова желба, Бора Ѓорѓевиќ денеска ќе биде погребан во родниот Чачак.