Берлин сега, или Лисабон догодина. Има ли надеж за Македонија во минута до дванаесет?

Германија / МИА

На ден пред министерскиот состанок на кој се очекуваше Северна Македонија да добие конечно датум за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ и прва меѓувладина конференција, кај македонските дипломати и експерти од областа на европското законодавство, не умира надежта дека Унијата ќе изнајде решение со кое ќе бидат задоволни и Македонија и Бугарија. Според поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, ветото на Бугарија би бил вистински шамар за Германија, бидејќи како претседавач оваа земја силно се залага за проширување на ЕУ.

Затоа тој се надева дека западните дипломати во џебот веќе имаат „формула“ за излез од ситуацијата која најверојатно би гласела: „Разговорите за членство во Унијата да отпочнат, a решението за надминување на проблемите меѓу Македонија и Бугарија да продолжат на билатерално ниво согласно Договорот за добрососедство“.

– Притисната од Резолуцијата што ја донесе минатата година, Бугарија длабоко заглиби во својата доктрина, што значи дека нема да се повлече од намерата да ја блокира Македонија. Германија во ваквата ситауција, единствено може да помогне со изнаоѓање на решение со кое преговорите би отпочнале, а за македонско – бугарските работи да се дискутира понатаму согласно Договорот за добрососедство, – вели Арсовски.

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика има излез од сегашната ситуација и избегнувањето на вето од бугарска страна за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

– Излезот од тековната ситуација го гледам во можноста за еднострана изјава на Бугарија во однос на дел од историските аспекти, како и потврдување на потребата на двете страни за водење дијалог и унапредување на соработката. Всушност решение од таква форма било очигледно применето во нон-пејперот кој беше објавен од новинарските кругови после средбата на македонската и бугарската страна во Берлин. Клучно е сепак каква правна форма би имала таа изјава во однос на преговарачката рамка за Северна Македонија.

Амасадорот Арсовски, не верува дека бугарските барања ќе добијат поддршка од некоја друга земја членка на Унијата. Но не ја исклучува и можноста датумот за почеток на преговорите Македонија да го бара за време на португалското претседавање со ЕУ.

– Не е проблемот само со Бугарија. И Холандија уште пред две недели најави дека Албанија не е подготвена за отпочнување на преговорите со ЕУ, поради корупцијата и криминалот. Не е добро ниту ако Холандија стави вето за Албанија, бидејќи и двете земји одат во пакет. Дилемата сега е дали и двете држави ќе добијат условен датум за почеток на преговори или, пак, кандидатскиот статус на Македонија и Албанија ќе се решава во наредното претседателство кое треба да го преземе Португалија. Тоа секако дека на Макрон му оди во прилог бидејќи неговото влијание во Португалија е големо. Македонија ќе мора да ги реализира реформите, борбата со корупцијата и криминалот, а најмногу да се зафати со решавање на отворените билатерални прашања со Бугарија за кои очигледно дека тешко ќе се најде решение, вели Арсовски.

Во меѓувреме, од бриселски дипломатски извори, МИА јави, дека не може да се очекува Софија да се откаже од блокадата на стратот на преговорите на земјава со Унијата на утрешниот министерски состанок но дека сеуште има шанси да се усогласи преговарачката рамка. „Германското претседателство „продолжува да работи“ и со Скопје и со Софија за изнаоѓање компромис, а се вложува надеж и во денешната посета на премиерот Заев на Берлин каде „ќе оствари контакти“, велат бриселските дипломати.

– Пред една година имавме криза со проширувањето, решивме да ја ревидираме методологијата за пристапните преговори и тука има согласност, она што останува е билатералното прашање, Бугарија се појави со овој историски багаж и бара патоказ во пристапните преговори за справување со тој историски багаж, бараат да се вклучи во преговарачката рамка, објаснува овој висок дипломатски извор за МИА.

ЕУ и германското претседателство се запознаени со последните изјави на бугарската министерка за надворешни работи и за нив е јасно дека таа утре нема намера да попушти, така што дискусијата за проширувањето ќе биде на дневен ред само како „информативна точка“ и не треба да се очекува никаква одлука.

Од Советот на ЕУ потсетуваат дека билатералните прашања се држат одвоени од процесот за зачленување и додаваат дека тој не е „алатка за извршување на билатералните спогодби“.
Дипломатите нотираат дека ниту од македонска страна за сега нема зелено светло, имајќи предвид дека преговарачката рамка треба да биде одобрена од земјите членки, но и од државата кандидат на која и е наменета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот