Бербок: Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесен за вас, менувањето на Уставот е важен чекор

Прес-конференција на министерот за надворешни работи Бујар Османи и германската колешка Аналена Бербок

Знам какви компромиси и отстапки направивте за влез во Европската Унија. Поаѓајќи од промената на името на земјата па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Ако не сакате сите млади да одат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесете овде, порача денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи.

Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесен за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура, рече Бербок.

Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.

Договорената промена на Уставот, истакна Бербок, не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.

Османи, од своја страна, посочи дека германската министерка доаѓа во клучен период за земјава, кога Севера Македонија претседава со ОБСЕ и со две регионални платформи оваа година, што зборува, како што истакна, за новата регионална позиција на земјава.

Германија продолжува да биде еден од најсилните партнери на европската интеграција на регионот и во тој контекст би сакал да се заблагодарам за силната и континуирана поддршка што ја добива и нашата земја, рече Османи.

Според него, 2030 е амбициозна, но остварлива цел за интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот