Бербок: Сменете го Уставот, ЕУ нема да ве остави на цедило!

Аналена Бербок, германска министерка за надворешни работи/Фото: Слободен печат/Жана П. Божиновска

Договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или во натпреварот која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност, рече Аналена Бербок на прес-конференцијата со нејзиниот колега домаќин Бујар Османи.

Уставните измени се храбра политичка одлука од која зависи продолжувањето на пристапните преговори на земјава со ЕУ и треба да се искористат сите расположливи средства за да може процесот да продолжи во наредните месеци, порачаа министрите за надворешни работи на Германија и на Македонија, Аналена Бербок и Бујар Османи, на заедничката прес-конференција вчера во Скопје. Посетата на Бербок ја следеа и голем број германски новинари и репортери.

На средбата двајцата министри разговарале за поддршката што Македонија ја има на патот кон ЕУ, но и за обврските што треба да ги заврши земјава, вклучувајќи го и отворањето на Уставот и вметнувањето на Бугарите во него. Притоа Бербок ја повтори германската поддршка за македонските евроинтеграции со зборовите: „Го имате мојот збор, ЕУ нема да ве остави на цедило“ и порача дека уставните измени мора што поскоро да се донесат, со цел во декември да се отворат преговарачките кластери.

– Европската Унија вети и ќе остане на зборот, чекорот што сега треба да се направи е да се спроведат уставните измени – порача Бербок додавајќи дека е свесна оти процесот на менување на Уставот не е воопшто лесна работа и дека за него е потребен општествен консензус.

Според неа, силата на демократијата е во седнувањето на заедничка маса со опозицијата. На прес-конференцијата Бербок кажа дека знае какви компромиси и отстапки направи земјава на европскиот пат, почнувајќи од промената на името на земјата, па сè до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето.

– Знам дека постигнувањето на договорот со Бугарија не беше лесно за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе што сè уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и можам да разберам дека се дебатира за тоа. Особено кога станува збор за сопствениот идентитет и за сопствената историја, јазик и култура. Но, важно е во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката – рече германската министерка.

За тоа дека ѝ е јасно колку луѓето во Македонија се чувствуваат истоштени и обесхрабрени од сето она што ни се случува на европскиот пат, Бербок кажа една паралела:

– Во 2005 година кога вие добивте кандидатски статус, јас одев во училиште. Тоа е вечност.

Сепак, таа порача дека договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или во натпреварот која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност.

За да се спречи одливот на младите од земјата во потрага по подобар живот и работа, таа вели дека мора да се направат храбри чекори напред кон Унијата.

– Ако не сакате сите млади да отидат во Европа, треба Европа да ја донесете овде. Сега кога мора да се промени Уставот, можам само да ве охрабрам. Од вас очекувам реформи. Како Македонки и како Македонци вие докажавте дека никој не може да ве сопре на патот кон ЕУ. Оптимист сум дека до декември ќе ја искористиме шансата – порача Бербок.

Министерот Османи, пак, ја пофали Германија дека била штит за многубројните предизвици со кои се соочувала нашата земја, но потсети дека Македонија има обврски што мора да ги исполни.

– Зависи само од нас. Но, треба да се знае дека во ЕУ не се интегрира само Владата, туку целата земја, заедно со опозицијата и секој од нас треба да ја понесе обврската за овој процес и тука сметаме на поддршката на нашите европски пријатели – рече Османи.

Говорејќи за германската поддршка, тој кажа дека на секој обид да се билатеризира процесот, Германија прва реагирала со став дека тоа не е добро за процесот, а таквата силна поддршка му дава надеж дека Македонија припаѓа во ЕУ.

„Германија прати силни пораки до граѓаните, тоа е најдобриот начин за да се спречи влијанието на трети сили кои не сакаат напредок и развој на регионот“, вели Османи.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во Скопје имаше средби со претседателот на државата Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, со претставници на парламентот, а на прес-конференцијата не одговори директно на прашањето дали ќе се сретне со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Мене главно ми е важно за време на моите посети, тоа не се однесува само за Северна Македонија туку и други земји, не само да има размена на мислења помеѓу министрите за надворешни работи и не само да се посети Владата, туку да се добие претстава за луѓето. Штета што денеска имам малку време, но во декември ќе дојдам повторно. Мене ми е многу важно да зборувам со најразлични демократски актери – кажа министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот