Белорусија ја продолжи затворската казна на наводниот заговорник за „убиство на Лукашенко“
Затворската казна на американско-белорусиецот Јурас Зјанкович е продолжена од 11 на 13 и пол години во Белорусија, што е уште еден пример за немилосрдната конфронтација меѓу репресивната влада на претседателот Александар Лукашенко и нејзините противници, објавија денеска тамошните активисти за човекови права.
Зјанкович, кој е адвокат со двојно државјанство, е зад решетки во Белорусија од 2021 година. Тој беше осуден во септември 2022 година за наводен заговор за атентат врз Лукашенко и преземање на власта.
Истата година, казната му беше продолжена од 11 години на 11 години и шест месеци, а со најновата одлука се додадени уште две години – за „злонамерна непослушност кон затворската управа“, според организацијата за човекови права „Вјасна“.
Одлуката беше донесена во август, но беше објавена дури сега.
Белоруските власти од март не му дозволуваат на 46-годишниот затвореник пристап до правен застапник.
Според Вјасна, Зјанкович штрајкува со глад во затворот и неговото здравје е сериозно нарушено, а чуварите го малтретираат и понижуваат.
Зјанкович е една од централните фигури во пропагандниот филм на белоруските власти за наводниот заговор за убиство на Лукашенкo и преземање на власта. Во септември, американската амбасада го осуди прикажувањето на тој филм на државната телевизија и ги отфрли неоснованите тврдења во обвинението против Зјанкович и најави дека „ќе продолжи да се бори за доброто на овој притворен Американец“.