Белиот дворец замрзнат, со имотот внатре засега ВМРО-ДПМНЕ може да прави што сака

Белиот дворец, како што популарно се нарекува партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се продава ниту изнајмува, но со имотот што е внатре партијата може да прави што сака. Вакво објаснување дава Специјалното јавно обвинителство откако на социјалните мрежи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски, објави дека скапите и луксузни лустери што го красеа белиот дворец се подаруваат на цркви.

– Во истрагата за случајот „Талир 2“, се побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, односно на објектот, тој не смее да се продава ниту изнајмува. Што се однесува до имотот внатре, немаме направено попис. Ако евентуално има пресуда за случајот и треба да се направи обесштетување, а објектот не е доволен, тогаш може да се бара да се вклучи и движниот имот, односно да се бара поврат на она што е изнесено – велат од СЈО.

Инаку партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ е познато по луксузот и барокот коишто го преплавуваат ентериерот, украсен со уметнички слики и луксузни парчиња мебел.

За предметот „Талир“ поднесени се две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

На 31.10.2018 година судот донесе решенија со кои се определени привремени мерки – судска забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ низ земјата, како и за седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, а се однесуваат на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година, за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки сѐ уште се во сила.

Во овие случаи обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот