Белградското подземје со последен поздрав за убиениот водач на навивачите на Партизан

Фото: Принтскрин/ GROBARI.NET

Познати криминалци, осудени убијци и хулигани испратија последен поздрав за убиениот водач на навивачите на Партизан

Љубомир Марковиќ Киќа беше ликвидиран во петокот вечер во Белград, кога непознат егзекутор со огнено оружје го застрела пред многу сведоци. Четири дена подоцна, дневните весници во Србија се преплавени со последни поздрави од неговото семејство, пријатели, но и од криминалци, хулигани и осудени убијци, кои се поздравуваат со водачот на „Алкатраз“, огранок на навивачката група на фудбалскиот клуб Партизан, објави српски „Блиц“.

Ликвидацијата се случи кога Марковиќ излезе од локацијата каде претходно играл фудбал со пријателите, а на снимката може да се забележи моментот кога одзади му се приближува маж, вади пиштол од јакната и ладнокрвно, пред бројни сведоци, ја извршува ликвидацијата. Тој се обиде да побегне преку улица кон блиската бензинска пумпа, меѓутоа убиецот го стигна и со неколку истрели во главата беше ликвидиран.

Четири дена од ликвидацијата на еден од водачите на навивачите на Партизан, во еден дневен весник излегоа последни поздрави посветени за Марковиќ, и тоа на десет страни.

Меѓу последните поздрави може да се забележат и некои имиња кои ѝ се познати на јавноста, но и на правосудните органи и полицијата во Србија.

Последен поздрав за Марковиќ дадоа и браќата Вавиќ, кои зад себе имаат дебели досиеја. Најстариот од тројцата браќа, Александар (33), познат по тоа што првенствено бил страствен навивач Црвена звезда, најголемиот ривал на Партизан, а потоа преминал да ги бодри „црно-белите“ од Белград, предводејќи ја групата „Алкатраз“. Токму со Александар, убиениот Марковиќ еден период ја водел оваа навивачка група.

– Не боли оваа голема неправда – напишаа браќата Вавиќ во заедничкиот последен поздрав во српскиот весник.

Најстариот брат Вавиќ бил погоден од огнено оружје во 2011 година, но тогаш одбил да ѝ каже на полицијата кој пукал кон него. Уште тогаш, според „Блиц“, тој бил поврзуван со растурање на дрога на белградските улици и по различни судири на навивачи.

Неговиот „колега“ од трибините, Ѓорѓе Прелиќ е означен како еден од организаторите на убиството на Французот Брис Татон (за чие убиство беше во затвор и ликвидираниот Марковиќ), уапсен е во Шпанија во 2014 година и потоа испорачан во Србија. Поради тоа што подолго време бил во бегство, постоеле одредени сомненија дека Александар Вавиќ делумно го финансирал неговото бегство. И двајцата помлади браќа Вавиќ се добро познати на полицијата, но и на широката јавност во Белград по бројните кривични дела.

Последен позндрав за водачот на навивачите на Партизан даде и Ѓорѓе Прелиќ, кумот на Марковиќ, со кој своевремено заедно се најдоа пред судот, за убиството на навивачот Брис Татон. Тој во поздравот убиецот го нарече „кукавица“. Тој по екстрадицијата од Шпанија во Србија, служи затворска казна за убиениот француски државјанин.

Меѓу потписниците на последниот поздрав може да се види и името на Стево Мандариќ, а „Блиц“ претпоставува дека станува збор за момчето кое во 2012 година е означено како член на тогаш новата криминална група наречена „новиот земунски клан“, со кој раководел Немања Бојовиќ викан Хемија, уште еден потписник на последниот поздрав за Марковиќ.

Исто така, заеднички последен поздрав во српските весници дале и одредени навивачи на Црвена зведа, меѓу кои се истакнува и името на извесен Ица, за кои медиумите веруваат дека е Иван Богданов, човекот кој се прослави во светските медиуми по создавањето неред на фудбалскиот натпревар меѓу Италија и Србија во Џенова пред девет години. Поради настаните, судот во Џенова му изрече затворска казна во траење од три години и три месеци, но набрзо беше депортиран во Србија.

Иван Богданов во Џенова/Фото: EPA/LUCA ZENNARO

Веднаш до името на Богданов стои и името Урош, и се претпоставува дека станува збор за Урош Аврамовиќ, кој медиумите своевремено го означуваа како истакнат претставник на огранокот на навивачите на Црвена звезда наречени „Хиени“. Познат ѝ е на полицијата по низата пријави за бројни кривични дела, а бил осомничен и за дрога, насилничко однесување, нелегално поседување на оружје, обид за убиство…

Во низата на имиња стојат имињата на многу други навивачи и луѓе поврзани со српското подземје, но и на кошаркарскиот тренер Душко Вујошевиќ, и поранешниот тренер на ФК Партизан Марко Николиќ.

Погребот на Љубомир Киќа Марковиќ е одржан денес во Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот