Белградско драмско позориште со „Лет над кукавичјото гнездо“ гостува во МНТ

Фотографија од претставата: Драгана Удовичиќ

На сцената на Македонскиот народен театар, на 4 и 5 октомври, со почеток во 20 часот, ќе гостува Белградско драмско позориште со претставата „Лет над кукавичјото гнездо“, според текстот на Кен Кеси и Дејл Васерман, а во режија на Жанко Томиќ.

„One flew east, one flew west, one flew over cuckoos nest“ (Некој лета на исток, некој лета на запад, некој лета над кукавичјото гнездо) е големото враќање на Драган Бјелогрлиќ на сцената на Белградско драмско позориште во легендарната црна хумористична сатира за поединецот во репресивното општество, институциите за ментално здравје и слободата на духот.

Главниот лик на Редни П. Мекмарфи го игра Драган Бјелогрлиќ, а останатите актери се: Слободан Бода Нинковиќ, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Милутин Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Срѓан Дедиќ/ Јово Максиќ, Саво Радовиќ/ Милош Петровиќ Тројпец, Ненад Гвозденовиќ, Милица Зариќ, Јана Милосављевиќ, Владан Милиќ, Милош Лазаров/ Урош Јанковиќ, Зоран Ѓорѓевиќ, Анка Гаќеша – Костиќ/ Ања Алач, Нада Мацановиќ/ Маја Ранѓиќ.

Сценографијата за претставата е дело на Зоран Ристиќ, костимограф е Јелисавета Татиќ – Чутурило, композитор е Александар Симиќ, на сценските борби работеше Александар Тасковиќ, а специјалните ефекти се на Томислав Маги.

Оваа драма е напишана во 1962 година, a првата изведба е во 1963 година на Бродвеј со Кирк Даглас во главната улога.

Премиерната изведба на претставата на БДП беше на 5 ноември 2005 година на големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ во Белградско драмско позориште. Времетраењето е 140 минути со пауза.

Признат од критиката како еден од најдобрите филмови во историјата на кинематографијата, „Лет над кукавичјото гнездо“ (1975) на Милош Форман го освои Оскарот за најдобра режија и најдобар филм, за главна женска улога која ѝ припадна на Луиз Флечер и наградата за машка улога на Џек Николсон за главниот лик на Редни П. Мекмарфи.

Билетите за претставата се достапни онлајн преку веб-страницата, како и на билетарницата во Македонскиот народен театар, извести Мила Анѓелковиќ од РСМ НУ Македонски народен театар.

Видео на денот