БЕЛГРАД: Што ќе донесе Макрон во „дипломатскиот куфер“?

Фото: Profimedia

Шефот на француската држава емануле Макрон, кој утре доаѓа во дводневна посета на Србија, покрај заедничкото обраќање со својот домаќин Александар Вучиќ кај Споменикот на благодарноста, ќе има и низа официјални состаноци од кои е тешко да се прочита што ќе донесе во својот „дипломатски куфер“, пишува српска „Политика“.

Различни заклучоци и анализи се вртат деновиве во Србија, од тоа дека Макрон доаѓа за да ги види можностите за обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, до тоа дека тежнее Франција да го засили своето присуство во регионот, односно дека сака да се наметне како лидер од Европската Унија.

Во секој случај, доаѓањето на Макрон, после она на поранешниот претседател Жак Ширак во 2001 година, е големо случување за Србија од политички, културен и економски аспект и ќе влијае на зајакнувањето на билатералните односи на двете земји.

Извесно е сепак, дека прашањето за Косово ќе биде ставено на маса. Дел од аналитичарите наведуваат дека Макрон е посветен на дијалогот на Белград и Приштина, без оглед на тоа што Франција ја призна косовската независност. Останува непознато, дали Макрон ќе дојде со некаква понуда за Србија или дипломатски ќе порача Белград и Приштина да постигнат договор, а ЕУ да посредува.

Според најавите, за време на посетата на францускиот претседател во Србија, ќе бидат потпишани дваесетина меморандуми за соработка, а најголем дел од нив се однесуваат на економијата. Според ова, може да се очекува и засилување на економската врска меѓу двете земји, односно инвестирање на Франција во српската инфраструктура, енергетиката, н и некои други области.

Макрон инаку, утре ќе слета на аеродромот „Никола Тесла“ околу 15 часот, по што ќе се сретне со неговиот српски колега, Александар Вучиќ. Нивната средба треба да го означи и почетокот на процесот на модернизација на аеродромот, со кој веќе раководи француска компанија. За Макрон се организира и свечен дочек пред Српската палата, каде што двајцата претседатели ќе разговараат во четири очи, а потоа ќе следи и состанок на делегациите.

Тие исто така, ќе положат венец на Спомен коструницата и ќе го посетат споменикот на српска воена хероина, Милунка Савиќ, по барање на Макрон. Дел од агендата е и положувањето венец на Споменикот за благодарност на Франција на Калемегдан, а се очекува овој настан да го следат повеќе од илјада граѓани. Макрон ќе преспие во Белград и ќе биде гостин на приватна вечера што Вучиќ ја организира во еден од државните објекти.

За време на вториот ден од посетата, Макрон веројатно ќе биде во обиколка на „Кнез Михајлова“, а се очекува да разговара со српските уметници.

Посетата на шефот на француската држава, ќе ја следат голем број домашни, регионални и француски медиуми – акредитирани се околу 700 медиумски работници, а обраќањето на двајцата претседатели ќе го пренесуваат и француската и српската национална телевизија.

Макрон во Белград ќе го чуваат 4.000 специјалци, а безбедносните мерки ќе бидат на највисоко ниво. Тој треба да ја посети Србија ланската година во декември, но таа посета се одложи поради протестите на „Жолтите елеци“.

 

Највисок степен на заштита – Макрон во Белград ќе се чува со „непробоен дијамант“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот