Белгиско министерство за јавно здравје: За разградување на пластичните заштитни маски се потребни 450 години

Министерството за јавно здравје на Белгија денеска соопшти дека се потребни 450 години за да се разградат пластичните заштитни маски за превенција на заразата од ковид-19.

Информацијата ја пренесе националната белгиска агенција „Белга“, врз основа на податоци на одделот за заштита на морската средина во Министерството за здравство.

Министерството од денеска започнува кампања за сензибилизација на граѓаните насловена „Морето почнува кај вас дома”.

Од почетокот на здравствената криза властите забележуваат наплив на фрлени пластични маски по улиците и во Северно Море и предупредуваат дека процесот на разградување на овие маски е екстремно долг.

Освен фрлени маски, сѐ повеќе се наоѓаат и заштитни ракавици и шишенца од гелови за дезинфекција по плажите и улиците во Белгија, покрај веќе постоечките осум милиони тони пластичен отпад.

– Морските животни можат да ги поистоветат овие предмети со медузи, кога ги голтаат нивниот стомак веднаш се полни, но без никаков нутритивен придонес, што со тек на време ги ослабнува. Се случува животните да бидат заглавени во маските, и, конечно, микрочестичките можат да се најдат во нашата исхрана, соопшти белгиското Министерство за здравство.

Кампањата ги повикува граѓаните да бидат совесни и да ги фрлаат маските во канти за отпад или да изберат маски за повеќекратна употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот