Белгиските научници предупредуваат на опасноста од нов бран на Ковид-19, сличен на првиот од 2020.

Ковид Русија/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Бројот на новозаразени со Ковид-19 во Белгија постојано е во пораст, а Кризниот штаб предупредува дека доколку се продолжи со ваквиот раст земјата ќе се најде во слична ситуација како за време на првиот бран.

Белгиската федерална Влада пред неколку дена соопшти за благо заострување на мерките, но најави дека не се исклучени нови рестрикции доколку сегашните мерки не дадат резултат.

Во меѓувреме болниците го вклучуваат алармот поради сѐ поголемиот број пациенти на интензивна нега.

Кризниот штаб за Ковид-19 на денешната прес конференција порача дека ако продолжи трендот, до крајот на овој месец, најдоцна до средината на декември Белгија би можела да се најде во иста состојба како за време на првиот бран. Првиот бран беше еден од најсмртоносните токму во Белгија.

-Делови во Белгија никогаш немале толку голем раст на инфекциите, предупреди портпаролот на штабот, Ив Ванлатем.

Минатиот понеделник регистрирани се 20.500 новозаразени, последен пат оваа бројка е регистрирана во октомври 2020 година. Иако бројот на тестирања, исто така, е зголемен, научниците нагласуваат дека стапката на позитивни тестови постојано расте.

Што се однесува до болниците бројот на нови пациенти е зголемен за дваесет отсто, најпогоден е северот на земјата.

На прес конференцијата научниците ги споделија проекциите за стапката на зафатеност на болнички кревети во наредниот месец, со едно оптимистичко сценарио во кое болниците не би биле преоптоварени и другото песимистичко, исто како тоа што го преживеа Белгија на почетокот на 2020 година кога немаше доволно кревети на интензивна нега.

Експертите предупредија дека и бројот на смртни случаи е во подем, од кои 40 отсто се лица меѓу 75 и 84 годишна возраст.

Видео на денот