Белгија почнува со олеснување на рестриктивните мерки

Фото: Профимедиа

Училиштата остануваат затворени најрано до 18 мај, но ќе се отворат центри за чување на деца за оние родители кои мораат да одат на работа.

Од денеска започнува првата фаза на олеснување на рестриктивните мерки на целата територија на Белгија, следните фази ќе се активираат само под услов да се исполнети зацртаните критериуми.

Оваа прва фаза ќе им овозможи на неколку компании да се вратат на работа, станува збор пред сѐ за Б2Б фирми, односно компании кои не работат со странки. За другите работата од дома останува правило.

Училиштата остануваат затворени најрано до 18 мај, но ќе се отворат центри за чување на деца за оние родители кои мораат да одат на работа.

Со оваа фаза се зголемува и понудата на јавен превоз, дупло поголем број возови ќе бидат пуштени во промет, но корисниците мораат да носат маска во секој вид јавен транспорт. Властите не очекуваат значајно зголемување на патници во оваа прва фаза на олабавувањето на мерките.

Доколку бројките на заболени продолжат да се намалуваат, Белгија ќе ја активира втората фаза на 11 мај. Освен тоа, за да може да се влезе во втората фаза, ќе мора социјалната дистанца и маските да станат правило за сите граѓани, што значи и да има доволно маски на располагање за целото население. Потоа потребно е да има доволен број тестови и правилата за следење на контактите да бидат јасно утврдени и да има доволен капацитет за успешно следење. Белгија за сега не планира да користи мобилна апликација, следењето ќе го прават специјално обучени тимови. За натамошно олеснување на мерките, компаниите мора да презентираат прецизни протоколи за враќање на работниците на нивните работни места на безбеден начин.

Ако еден услов не е исполнет, втората фаза не смее да се активира. Втората фаза предвидува отворање на сите продавници.

Третата фаза е предвидена на 18 мај кога треба училиштата повторно да ги отворат своите врати, исто како и музеите, да се дозволи патување низ земјата и домашни посети.

Денешните бројки на епидемијата остануваат охрабрувачки, јавија властите: 59 лица се хоспитализирани во последните 24 часа, 80 се починати. Земјата брои над 50 илјади потврдени случаи на заразени со Ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот