Белата куќа загрижена: Твитер во сопственост на Маск може да го врати Трамп

Доналд Трамп на Твитер / Фото: ЕПА

Тимот на американскиот претседател Џо Бајден и претставниците на Белата куќа се загрижени дека преземањето на Твитер од страна на Илон Маск за 44 милијарди долари ќе влијае врз претседателските избори во 2024 година. Тие особено се плашат дека милијардерот ќе му дозволи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се врати на Твитер, пишува Си-ен-би-си.

„Слободата на говорот е основа на функционална демократија, а Твитер е дигитален градски плоштад каде се дискутираат прашања од витално значење за иднината на човештвото“, рече сопственикот на Тесла во соопштението за печат со кое го објави купувањето на Твитер.

Потесниот круг на Бајден и стратезите на партијата се загрижени дека дезинформациите на Твитер ќе се зголемат под водство на Маск пред претседателските избори во 2024 година. Поранешниот претседател Барак Обама е еден од сојузниците на Бајден, загрижен дека купувањето на технолошката компанија од Маск може да доведе до враќање на Трамп на Твитер. тврди извор на Си-ен-би-си.

– Сега Трамп ќе го користи Твитер за да направи многу поголема штета за да ја врати власта во 2022 и 2024 година, додека Илон Маск не даде никакви индикации дека ќе направи нешто за да го спречи, рече Мери Ен Марш, демократска ветеранка.

 

– Маск е одличен инженер и бизнисмен, но јас не би му верувал кога станува збор за милиони луѓе кои се потпираат на Твитер за информации, рече еден од соработниците на Бајден.

Прес секретарот на Белата куќа Џен Псаки одби да го коментира прашањето на Си-ен-би-си за купувањето на Маск на Твитер. Но, на брифингот во понеделникот,таа рече дека Бајден е загрижен за моќта на социјалните медиуми, вклучително и Твитер, во ширењето дезинформации. Таа додаде дека за тоа мора да одговараат социјалните мрежи.

Трамп и неговите блиски соработници продолжија лажно да тврдат дека изборите во 2020 година биле украдени, иако официјални лица од двете политички страни забележаа дека гласачите не биле измамени и дека Бајден победил праведно. Твитер трајно му забрани на Трамп да ја користи платформата за ширење лажни информации и за поттикнување немири на 6 јануари 2021 година во Капитол.

Освен Трамп, Твитер мораа да го напуштат и неговите блиски луѓе – стратегот Роџер Стоун, адвокатите Лин Вуд и Сидни Пауел и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин.

Маск навести дека ќе има помалку умерени содржини на Твитер доколку стане сопственик на компанијата. Тој во понеделникот твитна дека се надева дека и неговите најлоши критичари ќе останат на Твитер бидејќи тоа значи слобода на говорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот