Бектеши: Продолжува поддршката за туристичкиот сектор во текот на пандемијата

Фото: МИА

Здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата од КОВИД – 19 од која најголеми негативни последици претрпе туризмот, ја покажа важната улога која ја има туристичкиот сектор во целокупната економија на државата, но и во животот на граѓаните. Затоа продолжуваме со мерките за поддршката за туристичкиот сектор за побрзо надминување на кризата, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на своето обраќање пред туристичкиот сектор на Конференцијата по повод Светскиот ден на туризмот.

-Во последниве години земјава покажа многу добри резултати во делот на туризмот, проекциите беа дека 2020 ќе го достигнеме врвот во бројот на туристи и остварени ноќевања но исто така и во инвестиции и вработувања во туризмот, но кризата со пандемијата придонесе да не се постигнат посакуваните резултати годинава, но не здружи уште повеќе во изнаоѓање на најдобриот и најефикасниот пат за заедно да ја пребродиме оваа криза со што е можно помалку последици. Затоа е добро токму во овој момент да се донесат правилни одлуки, истакна Бектеши.

Посочи дека и во светски рамки се зборува за поддршка на туризмот или рестарт на туристичката индустрија.

-Во светски рамки бројот на меѓународните туристи падна за 93 отсто во јуни, во споредба со 2019 година, а според новото издание на Светскиот барометар за туризам пристигнувањата на меѓународните туристи се намалиле за 65 отсто во текот на првата половина од годината. Ова претставува невидено намалување, бидејќи земјите ширум светот ги затворија своите граници и воведоа ограничувања за патувања како одговор на пандемијата. Последиците ги почустувавме и ние, токму тргнувајки од овие показатели како Влада меѓу првите мерки кои се донесоа, приоритет имаше туристичката индустрија заедно со секторот угостителство и транспорт, рече Бектеши.

Министерот потенцираше дека во моментот се наоѓаме во ситуација да продолжиме понатаму  и затоа, како што рече, е многу важно сите чекори кои ќе бидат преземани да бидат во кординација со бизнис заедница.

-Успехот на оваа индустрија придонесува за успех и на македонската економија во целост. Министерството за економија, во чест на овој ден, продолжува со веќе востановената традиција да ги собере на едно место сите чинители, оваа година моментот за доделување на признанија го прескокнавме, но ја користиме оваа прилика да на сите чинители им покажуваме дека во овие тешки моменти сме заедно, затоа што само така можеме да ја поминеме оваа криза. Денеска сме тука да го одбележиме овој настан, кој се одржува под глобалното мото „ Рурален туризам ” и да ги одбележиме сите оние бројни мали можности, кои го прават туризмот една од приоритетните гранки во државата, појасни Бектеши.

На Конференцијата за туризам насловена „Извозна стратегија за поголема додадена вредност на туризмот како предизвик на новото време” претставници од туристичкиото стопанство, универзитетите и надлежните институции дебатираа за тоа како ќе функционира туризмот и угостителството во Северна Македонија во 2020 година, кои се последиците од КОВИД-19, како и за реформите во туризмот како предуслов за одржлив развој и поголема додадена вредност на секторот како извозна стопанска гранка, предизвикана од глобалната пандемија. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот