Бектеши: По Нова година – 300 евра минимална плата, не се очекуваат струјни ценовни шокови

Крешник Бектеши / Фото: Фејсбук

Министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување на телевизија Телма информираше дека одлуката за замрзнување на цените која што беше донесена на последната седница на Владата веќе е објавена во Службен весник и дека таа стапи на сила.

Од утре, најави тој, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат ќе почнат да прават контроли на цените во маркетите.

-Чекаме во текот на оваа недела дополнителни информации од страна на Државниот завод за статистика и за други производи, во делот на зголемувањето за месец ноември. Ако покажат податоците, а граѓаните го чувствуваат тоа, ќе ја прошириме листата. Со тоа најверојатно ќе бидат опфатени и јајцата, оризот, но и макароните и тестенините. Одлуката ќе биде донесена најдоцна на следната седница на Владата. Ако ги имаме податоците во среда и четврток, Владата може да свика седница и пред тоа, посочи министерот Бектеши.

На прашањето дали Владата финансиски ќе им помогне на компаниите кои произведуваат прехранбени производи и кои се опфатени со одлуката за замрзнување на основните производи, министерот рече дека Владата во изминатите неколку години дала значителна финансиска поддршка за бизнисот.

-Во последните три-четири години стопанството е најмногу поддржано. Во последните години се одвојуваат по 15 милиони евра годишно и досега над 500 компании добиле финансиска поддршка за отварање на нови работни места, за воведување на нови производи, за нови производствени погони, рече Бектеши.

Министерот додаде дека во исто време расте и минималната плата, која од 9.000 денари во 2017 година, сега е над 15.000 денари.

-Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари по Нова година. Платите не стојат. Во 2016 година просечната беше 22.000-23.000 денари, а сега е 28.820 денари и ќе се зголемува во континуитет. Зголемување на платите имаме и во образованието, здравството, приватниот сектор. Само мининалната плата е зголемена за 100 отсто за четири години, колку што не е направено со години наназад, рече Бектеши.

Во однос на цената на струјата, министерот Бектеши појасни дека не се очекуваат ценовни шокови. Тој напомена дека ДДВ за струјата нема да се зголеми, како и дека во функција се ставени сите капацитети за производство на електрична енергија во државата.

-РЕК Битола работи со два блока, ТЕЦ Осломеј е ставен целосно во функција, се подобруваат акумулациите, за десетина дена ќе биде во функција ТЕЦ Неготино, денеска е веќе набавен мазут, засилено се градат фотонапонски централи и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори, додаде министерот Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот