Бектеши на средба со Делегацијата на германското стопанство: Германските бизнисмени бараат предвидлива економска клима

Македонската влада треба да создаде попредвидливи услови за работа за да можат и компаниите да направат предвидливи инвестициски планови, оценуваат од Делегацијата на германското стопанство. На средбата со министерот за економија Крешник Бектеши, претседателот на Делегацијата Патрик Мартенс, бил информиран за четвртиот сет економски мерки, но од германските инвеститори било побарано од Владата „да ја направат попредвидлива ситуацијата за нив“.

Мартенс се информирал и дали државата планира со автономен пакет економски мерки да ги поддржи странските инвеститори од автомобилската индустрија.

– Зборувавме за сериозната состојба со германските инвеститори, но и каква ќе биде идната соработка. За компаниите се најприоритетни сигурноста во планирањето и правната сигурност и точно да се знае како се одвиваат процедурите во одредени области во државата. Германските компании во земјата, како и во Германија, минуваат niz тежок период. Никој не е сигурен кога ќе заврши пандемијата – рече Мартенс.

Правејќи споредба, тој рече дека „Македонија и Германија, процентуално во однос на буџетот, приближно еднакво се задолжуваат за да ја помогнат економијата преку пакет на мерки“.

Министерот Бектеши рече дека го информирал Мартенс за четвртиот сет, кој е усвоен од Владата и го чека ребалансот, како и за акциониот план на Министерството за економија.

– За автономните мерки за автомобилската индустрија, нашиот закон за царини и тарифи не е целосно усогласен со царинските стапки на ЕУ. За тоа треба да се разгледа и економската оправданост и да се добие позитивно мислење од Министерството за финансии. Има германски компании што во 2021 година сакаат да ги удвојат своите капацитети во Северна Македонија, а за тоа ние до Владата ќе треба да поднесеме предлог-мерки за идната соработка – рече Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот