Бектеши го „закопа“ Стојановски од ДПМНЕ: „Кога не сум на говорница, прашувате дали има некоја фотонапонска за ВМРО“

Крешник Бектеши
Крешник Бектеши / Фото: Фејсбук, Крешник Бектеши

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за пратенички прашања од премиерот Димитар Ковачевски бараше објаснување за поскапувањето на струјата.

„Струјата ќе се поскапи во четири блокови, во просек за 7,4 проценти. За малите потрошувачи не се спомнува, а таму ќе биде енормно поскапувањето“, рече Стојановски, според СДК.мк, барајќи објаснување за ова.

Ковачевски му одговори:

„Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на три теми: Давање повисоки услуги на работниците, на граѓаните кои работат за да им обезбедат ним, а и нас овде да земеме плати. Потоа враќање на К-15, методологија на плати, за да се открие конечно зошто раководители на јавни претпријатија земаат мистериозни плати колку на претседателот на државата, дури и во тие што работат со загуби. Ќе биде воспоставена методологија отсега натаму, а не да се даваат плати од ракав“.

За поскапувањето на струјата излезе министерот за економија Крешник Бектеши и рече ќе одговара на македонски јазик, за да нема проблем со преводот. Му цитираше законски одредби во кои пишува дека општините се задолжени за производство и дистрибуција на топлинска енергија, пишува СДК.мк.

„Ќе се вратам на струјата, зашто Бојан, кога не сум на говорница, ме прашувате: ‘А бе, има нешто фотонапонски централи за ВМРО?’“, рече Бектеши и предизвика бурни реакции од опозицијата.

Потоа, министерот му кажа на Стојановски дека нивните градоначалници направиле штета од 30 милиони евра во енергетскиот систем на државата во првите шест месеци од владеењето. Општина Битола му го отстапила уличното осветлување на претпријатие од Жабени, читаше одлуки Бектеши.

„Вие многу добро знаете дека таа штета се прави на грбот на граѓаните. Па излегуваш тука и зборуваш дека е многу покачена цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија е зголемена само во четвртиот блок, и тоа за ваши многу блиски луѓе, кои трошат 36 мегавати месечно. Грејат базени, копаат криптовалути. Го знаете и сами кој е, Ј. К., а не е Јелена Карлеуша, тој вашиот што ве финансира. И вие денес се буните зошто ги браниме граѓаните од првиот, вториот и од третиот блок. Да се троши 36 мегавати струја месечно е 86 пати повеќе од просечно македонско семејство во државата. Затоа ќе си плаќа поскапа струја, зашто има можност“, рече Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот