„Бехтел и Енка“ ќе ја добие првата „рата“ за автопатиштата од 243 милиони евра

Бехтел и Енка / Фото МИА

На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени првите 243 милиони евра од вкупно 1,3 милијарди за проектот за коридорите 8 и 10д, пари што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава. Програмата за финансирање вчера ја усвои Владата, а денеска е објавена во Службен весник на РМ.

Владата ја донела Програмата врз основа на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга-Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на Автопатот Прилеп-Битола) и од Законот за извршување на Буџетот за 2023 година.

Како што се прецизира, средства во износ од 117 милиони евра се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите, делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).

Средствата од првата транша која изнесува 87 милиони евра и од втората транша во износ од 30 милиони евра се исплаќаат согласно Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10д.

Исто така, средства во износ од 50 милиони евра се наменети за авансно плаќање согласно Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10д односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства.

Предвидени се и 25.5 милиони евра за капитални индиректни трошоци односно за трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности вклучувајќи асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот.

Други 49,5 милиони евра се наменети за изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, за дислокации на подземни и надземни инсталации, изведба на дислокации на подземни и надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траса, градежни активности односно изградба на траса, геомеханички истраги, обезбедување на канцеларии и други потреби за надзорот и друго, за патните правци, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.

Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Просечната цена по километар треба да изнесува 12 милиони евра.

Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија за 22 април годинава на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

Како што образложија од Министерството за транспорт и врски на церемонијата на потпишувањето на Договорот, цените се поткрепени врз основа на физибилити студија изготвена од Градежниот факултет, а ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.

За правен трансакциски советник и надзор за проектот е избран конзорциумот ИРД, а по објавените сомнежи во јавноста за компании кои се дел од овој конзорциумот Државната комисија за спречување корупција отвори предмет.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, завчера на новинарско прашање рече дека што и да утврдат надлежните за коридорите 8 и 10д Владата ќе постапи согласно со наодите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот