„Бегемот“ ја промовираше збирката раскази „Митологија на транзицијата“ од Алек Попов

Издавачката куќа „Бегемот“ во рамките на фестивалот „Арт ареа“ на 18 септември ја промовираше книгата „Митологија на транзицијата“, збирка од петнаесет раскази на Алек Попов.

Расказите се инспирирани од материјалната и симболичката реалност на последните години на Источниот блок и на транзициските приказни, одживеани лично и доживеани длабоко од генерацијата на авторот.

– Давајќи ѝ слобода на својата сатирична фантазија, Попов прави многу оригинална реконструкција на митовите исковани во јавната свест на Бугарија од 90-тите години на минатиот век. Расказите се преплет од одлично избрани, важни претстави од тогашното секојдневие и гротескно-фантастични слики што совршено се надоврзуваат на нивната недореченост.

Уметничката верзија на транзициската епоха што ја добиваме во оваа серија раскази понекогаш се разминува со историската стварност, често навлегувајќи на теренот на фантастиката, но со тоа магично излегува поверодостојна во приказот на човековата состојба и на општествениот живот одошто сивиот параван на самата стварност – истакнуваат од „Бегемот“.

Алек Попов (1966) е еден од најважните и најпознатите современи бугарски писатели. Автор е на романите „Мисија Лондон“, „Црната кутија“ (и неговата втора верзија: „Црната кутија: кучиња што летаат ниско“), „Сестрите Палавееви во бурата на историјата“, како и на неколку збирки раскази.

Попов е познат како мајстор на спојот на комичното и сериозното преку вешто ситуирање на животот на Балканецот во неговата матична и нематична средина. Како автор од европски ранг, Попов е преведен на повеќе од 15 јазици. Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка од Креативна Европа и Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот