Бегалецот Грујевски дал наредба за палење документи од УБК

Во МВР сум вработена од 2001 година во Петтата управа. Прв пат во 2015 година членував во Комисија за уништување опрема. Таа ја формираше тогашниот началник Горан Грујевски.

Како била формирана не знам. Се што е вршено од таа комисија е одобрено од него. Грујевски усно ми кажа, не писмено дека ќе сум член на комисијата. Јас бев претседател на комисијата. Горан Грујевски ни соопшти која документација треба да се уништи, изјави Александра Велинова, сведок во одвоената постапка за предметот „Тврдина 2“, каде обвинет е Горан Грујевски за кривично дрло фалсификување службена исправа како поранешен шеф на Петтата управа на УБК која го извршила незаконското масовно прислушкување.

Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски преку Бугарија избегаа во Грција. Таму беа уапсени бидејќи со лажни пасоши сакаа да избегаат во Чешка. Пред безмалку две години двајцата побара и добија политички азил во Грција.

На деношното рочиште двајцата јавните обвинители Трајче Пеливанов и Ајтан Ајро, (доскорешни обвинители на СЈО) поднесоа овластување од републичкиот обвинител Љубомир Јовевски дека тие и обвинителката Ленче Ристовска се овластени да ја застапуваат државата во овој предмет.

– Со колешката Валентина ги селектиравме документите, како тие што се акти за сервис на возила, боледувања и решенија за годишни одмори. Откако ги одвоивме, му ги дадовме на Грујевски и ни дозволи да се уништи таа документација – рече сведокот Велиновска, која неколку пати нагласи дека никогаш немале допирна точка со архивата.

Таа рече дека целата документација се уништила во базата „Брест“. Тоа го организирал обвинетиот Грујевски.

– Во базата не пречека тогашниот нејзин началник. Документацијата беше ставена во црни вреќи. Ќесите беа полеани со запалива течност и ги запалија. Тука беше и Никола Бошковски. Кога беше уништена, за тоа беше известен Грујевски и дали таа документација била важна или неважна немам искуство за тој дел и за се даде дозвола началникот – рече сведокот Велиновска.

Нејзината поранешна колешка, сега пензионерката Валентина Симоновска истакна дека цел работен стаж го минала во УБК, во Одделот за оперативна техника.

– Сум била член во две комисии, првата во 2008, а втората во 2015 година. За тоа дека сум член на комисијата во 2015 гофина не се сеќавам од кој началник бев известена. Требаше неупотребливите документи да се одвојат и уништат. Имаше и пропратни писма како дел од класифицирани документи. Актите беа натоварени во две возила и беа однесени во Петровец каде не пречека тамошниот началник на базата Ванчо Цветановски. Во круг обележан со камења ги истуривме документите и ги запаливме – истакна сведокот Симоновска.

Таа рече дека за уништените документи изготвиле извештај со кој го известиле Грујевски што е уништено.
– Уништивме и барања за дозвола за читање и картичката за влез во просторијата – рече сведокот.
Сведокот Маја Пендаровска Стојевска исто така вработена во УБК рече дека таа работела во базата „Брест“ и дента кога се уништувала документацијата, како заменик на секретарката го потпишала документот кој бил направен.

Сведокот Дијана Заовска моментално невработена, во 2012 година се вработила како приправник во МВР, а во 2015 година работела во Одделот за аналитика во обработката на оперативните технички мерки.

– Од мојата претпоставена бев известена дека сум член на комисија која треба да уништи неупотреблива документација. Валентина беше архиварка и кажуваше најверојатно по налог на Горан Грујевски кој документи да се селектираат. Не се сеќавам колку време ги селектиравме документите кои колегата Ванчо ги уништи во базата “Брест”. Потоа изготвивме документ дека е завршена постапката – рече сведокот.

Денешните сведоци во претходната судска постапка се условно осудени, додека затворска казна имаше само за Грујевски. Но, неговата одбрана во мај лани ја обжали пресудата пред Апелациските судии во Скопје кои ја укинаа пресудата за Грујевски кој беше осуден за незаконското палење на околу 20.000 списи од УБК, меѓу кои и докази за нелегалното прислушување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот