Бегалците и забеганите

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Додека власта бара начин да им обезбеди храна, здравствена заштита, кров над глава, накратко – да им гарантира некаква сигурност, опозицијата бара да не ги примаме, со аргумент дека ние немаме ништо, а сега ќе дојдат мигрантите и ќе ни земат се.

Македонија треба да прими бегалци од Авганистан. И не би требало да има никаква дилема во врска со тоа. Многу поубаво би било кога би можеле да кажеме дека сака, а не дека мора да згрижи 650 мажи, жени и деца кои се трудат да спасат жива глава од пеколот во Кабул, ама сега сеедно.

станува збор за граѓани кои во Авганистан работеа за меѓународните демократски мисии и организации, новинари, активисти на организации за човекови права, како и за деца и членови на нивните семејства.

Не се знае кога почнала расправата во врска со мигрантите, ама точно се знае дека нема да заврши се додека има некој што мора да бега од своето и некој од кого се очекува да го подели своето со некого. Расправата, се разбира, секогаш се претвора во расправија, надвикување во кое едната страна не ја слуша другата, секоја има аргументи за кои смета дека се вистинските. Така е и сега.

Владата се обиде да објасни дека во оваа хуманитарна мисија ангажманите за психо-социјална поддршка и за нормално функционирање на авганистанските граѓани во македонското општество ќе бидат целосно под координација на Црвениот крст и на меѓународните организации, во кои работеа бегалците. Како и тоа дека сите трошоци за сместување и за сѐ друго што е неопходно ги покриваат меѓународните организации.

Додека власта бара начин да им обезбеди храна, здравствена заштита, кров над глава, накратко – да им гарантира некаква сигурност, опозицијата бара да не ги примаме, со аргумент дека ние немаме ништо, а сега ќе дојдат мигрантите и ќе ни земат се – храната, здравјето, работата, кровот над главата и живеачката ќе ни се претвори во пекол.

Поранешниот пратеник Илија Димовски се промовира во водач на отпорот против мигрантите. Доволно е паметен за да знае дека теренот е подготвен, тампониран со омраза и страв од непознато, така што и најглупавите тези се добри за да го придобие народот – надевајќи се и на неговиот глас на избори – и да ја сврти јавноста против идејата за помош на бегалците. Што значат, на пример, аргументите дека државата не може да згрижува мигранти, кога учениците се уште не добиле свидетелства, а патот Кичево-Охрид не е завршен!? „Македонија во овие неколку години е држава без капацитет да ги пружа основните услуги и потреби на своите граѓани. Оттука, уште повеќе, не е способна да обезбеди основни услуги за други“, вели Димовски.

Зошто, тогаш, Македонија треба да прими бегалци од Авганистан? Па, токму од истите причини: за да биде држава со капацитет да им обезбеди услови за живот и на своите и на „другите“ граѓани. Политика што никако да ја разбере опозицијата.

Државата во овие неколку години – во мигрантската криза посебно – се промовираше во пеколна делница за бегалците на патот кон Европа. Слики на прегазени, парчосани тела на македонските пруги го обиколуваа светот; репортажи за баснословните цени по кои домаќините, познати како гостољубиви, им продаваа на дојденците точаци, вода од чешмите, ги ограбуваа, ги уценуваа, државните железници ги поскапуваа билетите… Да не зборуваме за тоа дека не постои населено место во кое може да кажете дека ќе изградите болница за лечење зависници или дом за деца без родители или прифатилиште за странци, а да не се соочите со најжестоки протести од соседите, решени и по цена на животот да не дозволат такво нешто во нивна близина.

Време е, значи, првпат во овие триесет години да покажеме дека сепак не сме до таа мера мизантропи и ксенофоби, дека останало нешто малку солидарност, сочувство, емпатија. Дека не сме мизерни, сиромашни, како луѓе: прашањето за мигрантите не е економско, туку кутуролошко, цивилизациско. Да покажеме дека за земјата поважна е мисијата на хуманитарката Ленче Здравкин во чиј дом во Велес мигрантите добиваа облека, прва помош, чаша вода и парче леб, отколку таа на нејзиниот сограѓанин Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот