Беџети: Имало грешки во претходниот процес за „Монструм“ (ВИДЕО)

Кога се случи петкратното убиство на Смилковското Езеро бев во Турција. Колку што се сеќавам за овој немил настан бев известен од моите сопартијци. Во тоа време бев министер за правда. Тогаш изјавив дека судството е на еден тест. Имав контакти и разговори со моите колеги од регионов за овој случај. Ги следевме протестите и сите загрижувачки моменти. На средба со роднините на загинатите од мене беше побарано правдата да функционира во судот. Тие побараа фер и транспарентен судски процес, изјави на денешното рочиште за случајот „Монструм“ членот на ДУИ, сегашниот градоначалник на општина Сарај, Блерим Беџети.

– Имаше постапка за екстрадиција на лица во овој случај. Јас ги презедов сите законски процедури и сум ги проследил до надлежните институции. Процесот беше многу сензитивен. Имаше и притисок од медиумите. За овој процес јас постапив во законските временски рамки – рече Беџети.

Тој рече дека судството се разнишало со почетокот на овој судски процес, но и со некои други. Беџети рече дека штом се повторува постапката за „Монструм“ јасно е дека имало некакви грешки во претходниот процес.

На претходното рочиште за петкратното убиство на Смилковско Езеро, сведочеше речиси целиот врв на МВР од 2012 година. Судењето за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот