Бебето со Ковид 19 било во болница во Кочани, се чекаат 16 брисеви од вработените

Четиримесечното бебе е во стабилна состојба. Кај него нема потреба од респираторна поддршка и е под постојан надзор на педијатар.

Четиримесечното бебе кое е најмладиот пациент со Ковид 19 во земјава, пред да биде хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, било хоспитализирано и во Кочани и во Штип.

Шеснаесет лица вработени на детското одделение Кочани се тестирани за присуство на коронавирусот поради контактот со бебето и нивните резултати се очекуваат. Мајката нема коронавирус.

Земен е брис од таткото чии резултати се очекуваат. Тој и уште три контакти се ставени под надзор. Направена е дезинфекција на детското одделение во Кочани како и фебрилниот пункт и Општата болница Кочани.

Според официјалните информации кои Министерството за здравство ги достави до Слободен печат во писмена форма, како одговор на нашето прашање на денешната прес конференција, според епидемиолошката анкета бебето било прегледано за првпат на 23 март од матичен лекар и упатено во штипската болница каде примило инфузија и инхалациона терапија.

Од 27 март до 30 март, бебето било хоспитализирано во болницата во Кочани. На 30 март повторно било на контрола во Штип, а на 5 април повторно е префрлено на детското одделение во Кочани. Бебето пред три дена било упатено на Институтот за белодробни заболувања Козле, каде што е тестирано за Ковид 19.

На седми април, по добиениот позитивен резултат е префрлено на Инфективната клиника во Скопје. Четиримесечното бебе е во стабилна состојба. Кај него нема потреба од респираторна поддршка и е под постојан надзор на педијатар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот