Баумер ја отвори новата фабрика во близина на Скопје

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Денеска во индустриската зона ТИРЗ Бунарџик 1 компанијата Баумер ја отвори својата фабрика во нашата земја.

Компанијата е една од водечките во изработка на сензори и сензорски решенија за автоматизација на процеси. Таа со околу 2.700 вработени и 38 сопствени центри за развој, производствени погони и продажни канцеларии во 19 земји е семејна компанија која секогаш е близу до своите клиенти.

Според најавите на менаџерскиот тим, во првата фаза на изградба на површина од околу 19.000 метри квадратни е изградена зграда со вкупна површина од 4.000 метри квадратни од кои 2.500 метри квадратни за производство и 600 метри квадратни за развоен центар и администрација.

Сопственикот на групацијата Оливер Вице истакна дека нудат вештини за висока технологија, интересни работни места и одлични услови за работа.

– Во првата фаза на изградба компанијата се фокусира на производство и производствен инженеринг. Во следната фаза на проширување се планираат тимови за развој на нови производи составени од инженери за хардвер и софтвер како и специјалисти за ИТ, информираше Вице.

По 18 месеци од кога е донесена одлуката за инвестирање во Скопје, компанијата започна со градежните работи во јули 2018 година. Производството на првиот сензор се случи во мај 2019 година.

– Ви посакувам добредојде и се надевам дека го делиме задоволството во овие утрински часови заеднички да го одбележиме започнувањето со работа на швајцарската компанија Баумер во нашата земја. Таа е една од најпознатите компании за сензори, инструменти за мерење, испитување и навигација со 38 подружници во 19 земји. Нивните високо технолошки уреди се вградуваа во автомобилската, авио-индустријата, градежништвото, како и изработка на мобилни уреди и инструменти во медицината. Со господинот Оливер Вице лани потпишавме договор за закуп на градежно земјиште со површина од 19.107м2 во ТИРЗ 1 во Бунарџик, изјави премиерот Заев на отворањето на фабриката.

Тој додаде дека по 15 месеци, конечно ја споделуваат радоста во најновата фабрика на Бауер каде веќе е започнато производството и им посака успех и реализација на планираната инвестиција од 4.7 милиони евра и 150 вработувања на раководството и на вработените.

Според вицепремиерот Анѓушев, добро е што сега се отвораат капацитети со висока технологија за разлика од порано кога во државата имало самотрудоинтензивни капацитети. Потсети дека во изминатите две години се отворени 30-тина фабрики и 54 илјади нови работни места.

– Тоа е начинот како наместо млади луѓе, да извезуваме производи, рече Анѓушев.

Од компанијата се заблагодарија на директорот на ТИРЗ Александар Младеновски, локалните консултанти, Владата на нашата држава и локалните власти кои им помогнаа во остварување на нивната цел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот