Баталете датум, објаснете што е мрзлива сопруга!

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Цел ден се мислев што да коментирам, читам сите се фатија за блокадата од ЕУ, за недобивањето датум за преговори, аналитичари, политичари, Макрон, Меркел, притисоци, барања… Искрено, очекував дека ЕУ ќе не блокира. Тоа ти е исто како на факултет кога одиш да полагаш испит. Учи колку сакаш, ако професорот сака да те бутне, ќе те бутне. Така и нашава работа со влезот во ЕУ. Можеме и на глава да стоиме ако сакаме, секогаш може да се најде некој Макрон што ќе ни рече, е не може да влезете и тоа е тоа. А и не знам колку блокадава треба да се сфати трагично, имајќи предвид дека пола Македонија се отсели. Македонците веќе тргнаа, кој во Европа, кој во Канада и Австралија.

Еднаш веќе кажав и пак ќе повторам. Заев заврши голема работа со тоа што стави крај на спорот со Грција. Ако тоа и пречеше на ЕУ, ете го завршивме. Ако не примаат, нека не примаат, ако не, дајте ние дома да си се фатиме за работа, бидејќи искрено, имаме уште многу што да завршиме. Ако Европа не не прима, дајте Европа да ја донесеме кај нас.

Нема да набројувам што се треба да завршиме, затоа што ако почнам, ќе нема крај. Конкретно, ќе се задржам на дел од она што нашите деца го учат и го читаат во учебниците. А она што нашите деца го учат, верувајте е многу пострашно од тоа што не сме добиле датум за ЕУ.

Пред некој ден решив да го пролистам учебникот по македонски јазик на мојата ќерка која е петто одделение и останав запрепастена. Замислете, налетав на лекција „Мрзливата сопруга“. Тоа е една македонска народна приказна за жената која била мрзлива, не сакала ништо да работи, не ги исполнувала „домашните обврски“ и што е „најстрашно“ не му сошила кошула на мажот. И во ред е ако оваа лекција се обработува во насока на тоа дека мрзливоста како особина е многу погрешна и неубава. Да се научат децата дека не треба да бидат мрзеливи и слично.

Но тука, наместо нешто поучно, налетувате на нешто примитивно, на она балканското, што е далеку од европското кон кое толку сме затрчани. Под текстот има прашања кои учениците треба да ги одговорат: Познавате ли вие некоја жена која е мрзлива сопруга и какво мислење имате за неа? МОЛАМ?!

Дали познаваат жена која е мрзлива сопруга?! А што е извинете мрзлива сопруга? Дајте ни дефиниција. На што ги учите нашите 10-годишни деца? Ги учите на стереотипи и дискриминации уште од мали нозе.

Во 21 век кога зборуваме за родова еднаквост, кога во Македонија се зборува за тоа мажите да користат породилно отсуство, кога зборуваме за еднакви плати меѓу мажи и жени, во време кога градиме општество на еднакви и се бориме против дискриминацијата, ние ги учиме нашите ќерки дека не смеат да бидат мрзливи сопруги, па дури и треба да етикетираат некоја таква, да ја посочат со прст и да дадат мислење за неа. А извинете, мрзливи мажи -сопрузи постојат ли?

Е со вакви сфаќања и стереотипи знаете уште колку години нема да станеме дел од Европа? Уште сто. И ако мене ме прашувате, треба да кренете кочница и да се запрашате каква младина градите, бидејќи децата се многу поважни од Европска Унија. Младите се нашата иднина. Инвестирајте во нив, дајте им добро образование, дајте им еднакво општество, дајте им средена држава. Друго не ни треба. Другото само ќе си дојде.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот