Барокните фасади и „Скопје 2014″ ја дефокусираа расправата за Ребалансот на Буџетот

Седница на Собрание на РСМ / Фото: МИА

 Во речиси празна сала, попладнево продолжи општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот. Пратениците од власта и опозицијата уште еднаш ги спротивставија ставовите. За СДСМ прекројувањето на државната каса е обезбедување дополнителна поддршка и нови инвестиции, додека за ВМРО-ДПМНЕ предизборен поткуп, продлабоување на сиромаштијата и нови непродуктвни трошења.

Но, ребалансот, наместо да биде централна тема, стана причина за нови препукувања кои се сведоа на барокните фасади, проектот „Скопје 2014″, еврообврзницата, Рашковски, криминалот и корупцијата, на тоа што направи оваа Влада, а што таа пред неа, кој води добри, а кој лоши политики, кој сечел ленти по три пати, кој давал лажни ветувања и колку е партизирана администрацијата.

– СДСМ продолжува со веселата математика за да докаже дека економската ситуација не е катастрофална, а 600.000 граѓани живеат во сиромаштија, се најавуваат нови бранови на отпуштања во текстилниот сектор, 6.200 компании ставиле клуч на врата, поскапувањето на горивото и струјата предизвикува рапиден пад на стандардот и јавниот долг прпват е двојно поголем од вкупните приходи, рече во почетокот на расправата Зоранчо Јованчов од ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа реплицираше Панчо Минов, појаснувајќи дека капиталните расходи се зголемени и редизјанирани на сметка на бизнисот, за да им се помогне на компаниите и да им се овозможи да инвестираат.

– Компаниите едвај го чекаат донесувањето на ребалансот за да ги оставарат своите права, рече Минов.

Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ го повтори партискиот став дека ребалансот е неразвоен и неконзистентен.

– Јас би го нарекла ребалансот предизборен, зашто целта му е делење милост и вработување партиски послушници. Со него, сиромаштијата ќе се продлабочи, а неизвесноста ќе се зголеми. Ребалансот покажува и дека власта целосно го загубила финансискиот компас, не е планирана ниту една квалитетна инвестиција, нема јасно акцентирање кои се приоритетите, нагласи Петкоска.

Диме Велковски од СДСМ реплицираше, изнесувајќи конкретни бројки за поддршката што ја обезбеди Владата во сите сфери и со Буџетот, но и со ребалансот.

Потоа почнаа препирките, главно меѓу пратеничките од владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски соопшти дека седницата ќе продолжи и по 18 часот.

Општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот почна во четвртокот, а може да трае пет дена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот