Барокната опера „Дидо и Енеј“ постави платформа со нови естетски вредности

Со овации и силни аплаузи, во петокот вечерта, во малата сала на Филхармонија, беа испратени сите оние ѕвезди кои стапнаа на сцената. Нешто што е веќе практика на светските сцени, да се постави барокна опера и тоа во концертна верзија, сега и кај нас се случи со намера на организаторите да ја приближат публиката до музичката и содржинската суштина на делото. Сосем едноставно, модерно и професионално тимот на „Полифонија” повторно ја оствари својата идеја несебично создавајќи подиум за репрезентација, како на странски, така и на домашни талентирани уметници. На сцената настапија солисти од Македонија, Германија, Грција, Италија, Канада и Каталонија чие заедничко музицирање беше посветено на магична музика од 17-ти век напишана од славниот Хенри Персел.

Настанот без сомнение донесе нови звучни и естетски хоризонти под македонското музичко небо. Ликовите од операта Дидо и Енеј, беа насликани навистина волшебно, посветувајќи се целосно на приказната и се разбира, на сите музички карактеристики со звучната поддршка на солистите од ансамблите на Г.А.П. и Полифонија, како и хорот Ин Медиас Рес.

И не само ансамблите, туку и солистките од Канада, Криста де Силва од Операта на Калгари и Лаура Џин Елигсен од Виенската Државна Опера, како и нашиот баритон со светска кариера – Васил Гарванлиев  го внесоа својот уметнички, креативен капацитет кој очигледно е навистина висок. Браво за организацијата на целиот настан. Настан, редок за нашата музичка култура, настан кој ќе се памети, концерт кој треба да се повтори, за да слушаме и гледаме врвни уметнички вредности.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот