Барањето на УНЕСКО за затворање на Буково – во фиока!

Депонија Фото: МИА

Супстандардната депонија, од која секој чад од намерните опожарувања ги труе охриѓани, требаше да биде затворена до крајот на 2020 година, но таквото решение ни од далеку не е на повидок. Охридското јавно претпријатие најави дека за два-три дена ќе го изгаси пожарот, кој пред неколку дена го запалиле диви собирачи на отпад.

Пожарот кај охридската депонија Буково, кој гори со денови, а отровниот чад се шири кон Охрид и неговата околина, го гаснат екипите на градското јавно комунално претпријатие. Според најавите оттаму, тој треба целосно да биде изгасен за два до три дена.

– Очекувам за два до три дена целосно да го изгаснеме пожарот кај депонијата – вели Љупчо Грданоски, директор на охридското јавно комунално претпријатие.

Според Грданоски, причинители на пожарот во Буково се лица кои на диво селектираат отпад, а ѓубрето го палат, бидејќи така полесно доаѓаат до отпадниот метал, кој потоа го препродаваат.

Депониите се во надлежност на локалната самоуправа

 На прашањето – дали комуналното претпријатие може нешто да преземе да престанат палењата кои се повторуваат со години, најчесто во лето, Грданоски одговори дека и тие побарале од СВР Охрид да преземат мерки против лицата кои палат, но досега немало посериозна акција на локалната полиција.

Оваа супстандардна депонија среде заштитеното подрачје на Охридскиот регион и натаму претставува сериозен еколошки проблем. УНЕСКО уште по втората т.н. реактивна мисија во Охрид во 2017 година, односно надзорот на експертскиот тим назначен од оваа организација на Обединетите нации, побара затворање на охридската депонија најдоцна до крајот на 2020 година. И покрај оваа забелешка од која зависи статусот на регионот како меѓународно заштитено подрачје поради природните и културни вредности, надлежните велат дека решение за депонијата ни од далеку не е на повидок.

За тоа кој е надлежен за изнаоѓање трајно решение за депонијата Буково, од Министерството за животна средина ни одговорија дека депониите за комунален отпад се во надлежност на локалната самоуправа.

„Доколку локацијата каде што се отстранува отпадот е од висок ризик, се користи друга локација со помал ризик која е во рамките на регионот“, велат од Министерството.

 Инспекторот направил увид и записник и – толку!

Тие нè упатија на Државниот инспекторат за животна средина, кој е надлежен за надзор на овие локации и треба да издаде соодветно решение и записник.

– Ние нашиот дел го завршивме. Направивме увид и записник со кој го задолживме јавното претпријатие кое стопанисува со депонијата да ја изгасне депонијата  – вели државниот инспектор за животна средина, Игор Трајкоски од Охрид.

Трајкоски вели дека оваа состојба се повторува со години.

– Пред десет години изрекувавме и казни, бидејќи ништо не се преземаше, но сега јавното претпријатие веќе работи на терен и очекуваме да ја завршат работата – рече Трајкоски.

Тој смета дека обврска на локалната самоуправа е да се справи со проблемот со депонијата која често се потпалува, а со тоа се загадува воздухот. На телефонскиот број за контакт на Општина Охрид никој не одговараше, а не ни беше одговорено ниту на прашањата упатени по електронска пошта.

Од охридското јавно комунално претпријатие велат дека се свесни дека Буково претставува сериозен еколошки проблем за целиот Охридски регион со оглед на тоа дека депонијата е стара повеќе од 60 години и одамна е надминат нејзиниот капацитет.

– Се надевавме дека проблемот ќе се реши со отворање на регионална депонија, чијашто локација требаше да биде во Дебрца, но се откажаа од таа идеја – вели Грданоски.

Тој додаде дека сега се размислува регионална депонија која ќе го опслужува и Охрид да се гради во Пелагонискиот регион. На прашањето – дали ваквото решение би било и економски оправдано, со оглед на оддалеченоста на планираната локација, Грданоски вели дека трошоците не би се зголемиле, бидејќи би се пренамениле парите што сега се трошат за одржување на охридската депонија.

Министерството бара заем од Европската банка за обнова и развој

Министерството за животна средина и просторно планирање аплицираше за заем од Европската банка за обнова и развој заради изградба на регионален систем за управување со отпад, но повторно укажуваме дека обврската за управувањето со овој систем е на локалната самоуправа, односно на здружените општини во регионот, велат од Министерство за екологија.

Од Министерството не добивме конкретен одговор кога државата планира да ја исполни преземената обврска од УНЕСКО за затворање на Буково, со рок до декември 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот