Балканот константно се празни: Население колку за една држава помалку на територијата на поранешна СФРЈ

Иселување од Балканот/ Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Трендот на намалување на населението е присутен во сите држави во регионот што се должи на негативниот природен прираст како и на постојаните бранови иселувања.

Балканот губи повеќе од четири милијарди евра годишно како резултат на одливот на мозоци, што значително влијае на бруто домашниот производ (БДП) на земјите од регионот, покажува истражувањето на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Обединетите нации проценуваат дека до 2050 година шесте земји од Западен Балкан ќе имаат околу три милиони жители помалку отколку што имаат сега. Србија ќе претрпи најголема загуба, од околу 1,2 милиони жители. Процентуално, предничат Босна и Херцеговина и Албанија, кои до средината на векот ќе загубат повеќе од 20 проценти од населението, стои во извештајот.

Што се однесува за Македонија според проценките на ОН населението во земјава од 1.836.000 жители ќе се намали на 1.519.000, што е пад од 17,3 отсто.

Овој тренд сериозно го загрозува долгорочниот економски раст и продуктивноста на земјите од регионот, како што се Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија се посочува во документот.

Бањалучкиот портал „Српска-инфо“ потсетува на податоците на „Евростат“ дека до 2050 година населението на Балканот ќе се намали за повеќе од 15 отсто, поради нискиот наталитет и масовните миграции.

„Резултатот од ова е стареењето на населението, каде што се помалиот број на работоспособни луѓе треба да го поддржи растечкиот број пензионери. Во Србија просечната возраст на населението е веќе 43 години, а во Хрватска дури 45 години, што претставува голем товар за пензискиот систем и здравствената заштита“, се наведува во текстот.

Според податоците на Светска банка, само во последните десет години повеќе од 2,5 милиони луѓе ги напуштиле земјите од Западен Балкан во потрага по подобри услови за живот во Западна Европа.

 

Еден од клучните проблеми на миграцијата во регионот е заминувањето на високообразовани млади луѓе, специјалисти за ИТ, инженерство, медицина и други клучни сектори.

Според податоците од 2021 година, повеќе од 70 отсто од младите луѓе во БиХ размислуваат за заминување, додека слична статистика покажува дека во Србија, според истражувањето на Центарот за миграциски студии, околу 80 отсто од младите сакаат да заминат во потрага по подобри можности.

Поради заминувањето во странство, здравствениот сектор во Босна и Херцеговина се соочува со сериозен недостиг на лекари и медицински персонал.

Во исто време според податоците на Комората на лекари на Федерацијата БиХ, од 2013 до 2020 година БиХ ја напуштиле повеќе од пет илјади лекари.

Вложувањата во образованието и стручното оспособување на младите стануваат залудни доколку кариерата ја продолжат надвор од границите на својата земја, оценува порталот.

Како пример, фактот што БиХ годишно инвестира над 150 милиони конвертибилни марки (околу 77 милиони евра) во образованието на високообразовани специјалисти, но голем дел од оваа инвестиција им користи на западните економии кои апсорбираат квалификувана работна сила.

Иако трендот на одлив на мозоци изгледа неповратен, се додава, има позитивни примери за враќање на експерти во регионот.

Според податоците на Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, во изминатите пет години повеќе од 15.000 луѓе, главно високообразовани експерти, се вратиле во земјата преку различни програми за поддршка на враќањето.

Иницијативите како „Дијаспора за развој“, поддржани од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, успеаја да привлечат експерти од дијаспората да се вклучат во развојот на локалните заедници преку едукација и отворање нови бизниси.

Примерите за успешни враќања и инвестиции во локалните заедници покажуваат дека, иако миграциите се предизвик, тие можат да станат и можност за долгорочен развој доколку се управуваат на вистински начин, се заклучува во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот