Балканците го чуваат оружјето за „не дај боже“

По ужасниот настан во Цетиње, каде беа убиени 11 луѓе, меѓу кои и деца, се отвора прашањето за достапноста на огненото оружје на Балканот, каде што 90 отсто од сето оружје е во рацете на граѓаните, пишува „Би-би-си“ на српски јазик.

Според податоците на Глобалното истражување за лесно оружје од 2018 година, граѓаните во регионот имаат девет пати повеќе оружје отколку војската и полицијата, при што Србија и Црна Гора се први според количеството оружје по глава на жител.

– Политичката и општествено економската нестабилност на Балканот во последните 30 години и честите дневно-политички закани со нова војна доведуваат до состојба во која многумина граѓани не се подготвени да се одрекнат од оружјето, туку го чуваат и за недај боже – вели Предраг Петровиќ, директор за истражување во Белградскиот центар за безбедносна политика, во изјава за „Би-би-си“ на српски јазик.

Низ светот, САД се лидери со 120 парчиња оружје на сто жители, а на Балканот се смета дека има 30 парчиња оружје на секои 100 жители, велат податоците од истражувањето.

Во Србија и во Црна Гора има по 40 парчиња оружје на секои 100 жители, во БиХ има 31 парче оружје, а во Македонија 30 парчиња на сто жители, додека таа бројка на Косово изнесува 24 парчиња на секои сто жители. Се смета дека во Хрватска и во Албанија има далеку помало количество на оружје во сопственост на жителите.

Видео на денот