Балканци без статус Европејци

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

он статусот Европеец очигледно не се приоаѓа еднакво за сите жители на стариот континент, бидејќи во однос на таквиот статус и понатаму има различни нивоа на набљудување и толкување на нештата. Балканското опкружување постојано добива посебен третман, без оглед на тоа какви се ставовите и мислењата зад кои стои бриселската бирократија.

Што е тоа што Брисел со извесна доза на вообичаена дипломатска дискреција треба да им каже на балканските членки на ЕУ за да ги увери дека на нивното учество во европската соработка не се гледа со резерви и низ поинаква оптика? Бугарија и Романија по сè изгледа повторно, по повеќе од 10 години чекање, ќе извисат пред влезот во Шенген-зоната. Таков исход најверојатно ја очекува и Хрватска, иако како членка, според Европската комисија, уште во 2019 година ги исполнила барањата за прием во безграничната зона.
Тоа што во секој случај не недостига се утешни зборови. Крајно време е на овие земји да им се посака вистинско добредојде во заедничкиот европски дом, затоа што и тие заслужуваат да се чувствуваат како „целосни Европејци“, смета еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Според неа, приемот на споменатите земји во Шенген ќе ја направат Европа посигурна, но и побогата и поатрактивна.

Но, кон статусот Европеец очигледно не се приоаѓа еднакво за сите жители на стариот континент, бидејќи во однос на таквиот статус и понатаму има различни нивоа на набљудување и толкување на нештата. Балканското опкружување, како и обично, постојано добива посебен третман, без оглед на тоа какви се ставовите и мислењата зад кои стои бриселската бирократија.

Мислењето на Јохансон – кое звучи речиси како апел да им се подаде рака на балканските соседи – не го делат сите. Посебно не во побогатите и поразвиени западни и северни делови на ЕУ. Отпорите се силни посебно кон Бугарија и Романија. Парламентот во Холандија веќе упати повик до својата влада да гласа против, укажувајќи дека корупцијата и организираниот криминал во двете земји претставуваат закана за Холандија и за Шенген-зоната. Министрите за правосудство и за внатрешни работи на ЕУ на 8 декември во Брисел ќе гласаат за прием на нови членки во безграничната зона.

Противењата се големи и во Шведска, каде што двете најголеми парламентарни партии, социјалдемократите и екстремно десничарските Шведски демократи, нагласуваат дека мислењето на Европската комисија треба да се почитува, но дека Шведска пред сè треба да појде од сопствените национални интереси и да направи сопствена анализа за тоа со какви консеквенции би се соочила оваа скандинавска земја по приемот на трите нови земји во Шенген. Шведските демократи, патем речено, моментно се една од десничарските партии во ЕУ со најсилно изразена антимигрантска политика.

И во Германија и во Франција, како и во некои други членки, во повеќе наврати беа изнесени мислења дека трите балкански земји не ги исполнуваат критериумите за влез во „зоната без граници“ и дека треба многу порешително да се справат со корупцијата и организираниот криминал. Во Германија, на пример, постои извесна загриженост дека пристапувањето на Романија и на Бугарија во Шенген би го зголемило бројот на емигранти, а што може негативно да се одрази и врз германскиот систем на социјална заштита.

За Бугарија и за Романија веќе со самиот прием во ЕУ беа воведени преодни одредби и мерки за ограничен пристап на нивната работна сила на ЕУ-пазарот на труд во траење од максимум седум години. Но, по истекот на тоа преодно решение, патот кон Западна Европа широко се отвори за голем број бугарски и романски работници. Но и за бројни ромски питачи од овие земји, кои веќе со години се неизбежна глетка во некои ЕУ-членки. Едно од минатогодишните изборни ветувања на Шведските демократи, чија поддршка во парламентот е клучна за функционирањето на актуелната шведска влада, беше дека ќе се заложат за целосна забрана на питачењето во шведските градови.

Во низа ЕУ-членки се случуваат миграции од внатрешноста кон големите урбани центри, и уште повеќе од источноевропските кон богатите западни членки. Приближно 400.000 хрватски граѓани живеат и „привремено работат“ во Германија. Иселувањето од Хрвтаска по нејзиното зачленување во ЕУ во 2013 година, како впрочем и од Бугарија, Романија и другите поранешни источноевропски комунистички земји, трае континуирано и не покажува никакви знаци на намалување. Иселувањето, пред сè на квалификувана работна сила, во комбинација со ниски стапки на наталитетот, создаваат неодржлива ситуација и дисбаланс во развојните перспективи на подрачјето на ЕУ, а што доведе и до воведување на посебен еврокомесар за прашањата поврзани со демографијата.

Но, иселувањето како феномен не претставува ништо ново од историска перспектива. Ако порано луѓето почесто се иселувале кон прекуокеанските земји, денес е забележлива поголема и подинамична раздвиженост кон и внатре во ЕУ. За многумина е лесно разбирливо и прифатливо дека ЕУ ги има олеснето условите за емигрирање, посебно за младите што ги согледуваат шансите да бараат нови и посигурни економски можности. Чекорот да се иселиш и да тргнеш во „туѓина“ не е толку голем денес, каков што бил порано. Времињата се менуваат, а со нив би требало да се менуваат и политичарите, оние што се одговорни и ветуваат дека ќе се заложат да обезбедат услови за пристоен живот. „Подобар живот за сите“ и перспективност за младите.

Најновите противења за проширување на европската безгранична зона кон Балканот ги содржат и познатите сомневања дека не можат да се исклучат ризиците корумпирани царински службеници во Бугарија и Романија, или во Хрватска, да продолжат да пропуштаат луѓе кои немаат право за влез на подрачјето на Шенген. Тоа е многупати видено досега.
И во Македонија, која нашироко разгласува дека цврсто се залага и спроведува неопходни реформи за прием во членството на ЕУ, се применува истата практика. Издавањето државјанства и патни исправи на сомнителни лица, бегство на корумпирани и осудени функционери во багажници или со „затворање на очите“ на граничните премини за одредени моќници што тоа можат да го платат, не зборуваат ни најмалку во прилог на претпоставката дека во ЕУ во некоја иднина, која засега е тешко да се предвиди, би поминала молбата на Македонија, и на другите аспирантки за членство од Западен Балкан, за прием во Шенген. Се разбира, доколку безграничната зона преживее дотогаш. А што се однесува до статусот Балканец во Европа, тешко е да се верува дека тој ќе го изгуби своето значење.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот