Балетската претстава „Сви марш на плес“ ќе гостува на „Скопско лето“

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во рамките на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ја најави изведбата на балетската претстава „Сви марш на плес“ (Balkan Dance Project), која ќе се одржи на 26 јули во салонот на Националната опера и балет (НОБ), со почеток во 20.30 часот.

Во претставата учествуваат танчери и уметничка екипа од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија. Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на групата „Бијело дугме“, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.

Балетската претстава „Сви марш на плес“ нè води во измислен свет во кој песните на култниот екс-ју бенд „Бијело дугме“ стануваат основа за раскажување приказни за едно време и една генерација. Инспирација за атмосферата во претставата, танчарите добиле од спотовите на бендот – енергични, разиграни, целосно во духот на светските трендови на тогашната рок-сцена.

Македонскиот кореограф со меѓународна кариера, Игор Киров, со познатите хитови од „Бијело дугме“ создава динамична балетска претстава, чие дејство е лоцирано во замислена младинска државна градба за време на летна работна акција во првата половина на 80-тите години на минатиот век, која денешната публиката ја восприема како свежа и иновативна театарско-танцова креација.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Видео на денот