Балетот „Пепелашка” на НОБ вечерва гостува во Битола

Битолската публика која има ретка можност да ужива во балет – претставата во три слики „Пепелашка” од Сергеј Прокофјев, во изведба на ансамблот на Националната опера и балет, вечерва ќе се одигра на големата сцена во Центарот за култура.
За балетската претстава во Битола се бараше билет повеќе.
Во балетот “Пепелашка” настапуваат солистите: Христина Наќевска, Билјана Басмаџиева-Ковачевски, Мирослав Митрашиновиќ, Игор Веланоски, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Цветанка Максимоска, Ангела Богатинова, Ендру Кук, Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, како и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
-Битолската публика ретко има можност да гледа балет и ова е ретка прилика публиката да влезе во светот на приказната преку танц. Ова е балет за возрасни и за деца, на кој ќе биде оживеана безвременската приказна за Пепелашка преку врвниот балет кој го продуцира оваа гостувачка национална куќа. Балетската претстава е со воодушевувачка кореографија, извонредни костими и маѓепсувачка музика, што ќе ја пренесе публиката во волшебното царство на оваа бајка-велат од Центарот за култура во Битола.
Инаку, гостувањето на Националната опера и балет е дел од годишната програма на Центарот за култура Битола.